Иако од различни партии и идеологии младите политичари најдоа компромис и ги дефинираа своите заеднички цели за нивното политичко делување и партиско обединување во име на јавниот интерес
Сепак, се би било залудно доколку се што научија тука, брзо го заборават откако ќе дојдат на позиција
„Само дневна политика. Само делби и поделби. Само пизма и зла крв. Кој кого го затворил, кој е предавник, кој е шпиун, кој е нe знам што. Тоа ли е Влада? Тоа ли е политика?!“,
Говорот на пратеникот Митре Велјаноски во Собранието е меѓу ретките настапи на политичари во поновата македонска историја, кој своевремено стана хит во јавноста, бидејќи ја отслика тажната реалност за нашата политичка сцена.

„И се додека овде се расправаме за некакви малограѓанштини, ние ќе тонеме. Ќе тонеме во живиот песок“,
порача Велјаноски од собраниската говорница.
Со години, особено во предизборие, наместо аргументирана дебата и натпревар со идеи, политичарите користат други методи во битката за власт.
Иницијатива за промени на ваквата пракса, ги обедини подмладоците на политичките партии.

Со посебна Декларација се обврзаа дека заедно ќе работат на зголемување на интегритетот во политиката и ќе бидат пример за партиските сениори.
„Да видат дека ако ние може да се договориме и да сработиме нешто заедно зошто и тие да не можат?“,
вели Илија Блажевски од Демократи.
Но, како да заживее иницијативата за промени – и во самите партии, но и надвор од нив?

Првиот настан на кој на иста маса седнаа подмладоците на 34 политички партии се одржа во Струмица.
„Тука сме да докажаме за својата способност и спремност за работа и спремност преземање на поголеми чекори внатре во партиските структури“,
вели Дино Блажески од ВМРО – Народна партија.
Дводневниот собир беше прв во серија настани чија цел е обука на младите политичари за основните начела на одговорно владеење, проект кој го спроведува „Институт Охрид“ а со поддршка од ИФЕС преку програмата за поддршка на изборни активности, финансирана од УСАИД.
„Се одвива одлично. Ги продлабочивме нашите знаења, пред се за интегритетот во политиката, интегритетот во изборите, во јавните служби“,
вели Теодора Василова, дел од претседателството на подмладокот на Демократскиот сојуз.
Освен што слушаа предавања од домашни и странски експерти, учесниците работеа и на конкретни задачи со примери од сферата на политичкиот живот.

„Јас решив да покажам слика со ракавица за чистење и крпа, односно симболично тоа да означува дека интегритет, односно политичар со интегритет значи личност која го зачистува тоа што било останато претходно и го одржува чисто и за понатаму да го остави за наредниот“,
вели Ѓорѓи Станковски од Обединети за Македонија.
Иако на стартот помалку резервирани, учесниците од различни политички партии заедно ги дефинираа проблемите во македонскиот политички систем, како корупцијата, црните кампањи и поларизираноста на партиите. Па, бараа механизми за нивно надминување.
„Ние младите за разлика од сениорите можам да кажам дека се почитуваме имаме добар дијалог, добра култура…“,
вели Димитар Ванчов, претседател на Либерално-демократската младина.

„Дебатираме, дискутираме и нормално за на крај се трудиме да најдеме решение во врска со овие негативни феномени што ги имаме во нашата држава“,
вели Афан Елези, претседател на Форумот на младите на Алтернатива.
Се црпеа искуства и од други земји.

„Она што ме охрабри денеска е што видов дека младите од политичките партии се, всушност, подготвени трпеливо да работат во партиите и да ги направат подемократски, поинклузивни и поориентирани кон вистинските потреби на граѓаните“,
вели политичката аналитичарка од Латвија, Лолита Цигане.
Идејата на обуката е подмладоците да изготват препораки за поголемо младинското претставување, но и да се обврзат дека обединето ќе градат фер политичка атмосфера без омраза.
И покрај различните идеологии и ставови на партиите, она што ги врзува младите се нивните заеднички проблеми.
„Очекувам да се сменат некои работи да има поголем морал, да има повеќе разбирање, младите политичари да можат да дојдат повеќе до израз“
вели Теа Кузмановска од НСДП.

„Нас најголем проблем ни претставува медиумската покриеност. Не можеме да дојдеме до медиумски пристап како поголемите партии. И тоа се осеќа и во политичкиот живот“,
вели Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците.
„Гласот на младите да стане посилен во одлучувањето, но зошто да не и младите да имаат поголем процент на учество на избори во оваа држава“,
вели Алби Ќамили од Движење Беса.

Следните меѓупартиски средби беа резервирани за анализи и креирање на јавни политики. Овој пат, во поопуштена атмосфера, претставниците на партиските подмладоци работеа во помали групи.
„Искрено, помеѓу сите нас имаме една кохезија, голема солидарност, засега се тече во најдобар ред“
вели Илија Блажевски од Демократи.
Задача на работните тимови беше да изготват конкретни препораки за неколку теми – од борба со корупцијата во изборниот процес, до зголемување на влијанието на младите во матичните партии, но и во локалната и извршната власт.

„Моравме да се фокусираме и посветено да работиме за сите да бидат задоволни и сите да ги имаат усогласено ставовите конкретно што ќе ги извадиме од оваа анализа и препораките со кои веруваме ние како политички подмладоци дека ќе се надмине овој проблем со корупција во финансирањето на партиите во изборнот процес“,
вели Филип Јаневски од Глас за Македонија.
Во подготовката на препораките им асистираа и политички аналитичари, како универзитетскиот професор Ненад Марковиќ, според кој – ваквите настани мора да станат редовна пракса.

„Вообичаено се потпиравме досега дека полиси брифови, анализи на јавна политика пишуваат тинк-тенкови или дел од академската заедница, но никогаш досега не било обичај или не сме имале прилика тоа да го прават самите партиски подмалдоци кои не треба да служат само за лепење плакати и трчање во кампања туку мора да продуцираат и некаков тип на анализи на јавни политики“,
потенцира Марковиќ
Неговиот став го делат и самите учесници, кои се свесни дека патот од идеја до реализација на нивните иницијативи нема да е лесен.
„Мислам дека треба да им се даде можност за да се докажеме дека ние сме ресурс, а не проблем и државата како држава да не искористи со нашите идеи и нашата волја што ја имаме да работиме за подобро,“
вели Јетмир Асани од ДУИ
На финалниот настан на овој политички хакатон сите работни групи ги презентираа своите препораки и ги обединија во еден заеднички документ – Декларација за политички ингегритет.

„Тоа е еден потфат на политичките подмладоци на сите политички партии во државата, да работат заедно, да создадат свои верзии, свои документи за јавни политики кои понатаму ќе ги лобираат и ќе се здружат за заеднички да ги имплементираат“
вели Билјана Јанева – извршен директор на Институт Охрид
Со декларацијата Учесниците се обврзуваат на заеднички конкретни активности за зголемување на интегритетот во политиката, изборите и во јавната служба.
„Се сложивме дека треба да се почитуваме, да не се служиме со лажни вести и нечесни работи кои и овој и изминатиот период помалку или повеќе се одлика во политиката“,
вели Дарко Пешевски од ВМРО – Народна Партија.
Со Декларацијата, партиските подмладоци се договрија и дека заеднички ќе иницираат законски измени за нивна финансиска автономија, но и поголема моќ во делувањето во своите партии.

„Подмладоците да имаат независност во нивните партии, односно буџетот што се доделува на партиите, еден дел од него, 10 отсто да му припаѓа на подмладокот, со тоа што подмладокот ќе организира различни активности со тој буџет“,
вели Висар Палоши од ДПА.
Но, за овој документ да заживее, пред партиските подмладоци има уште многу работа. Првично треба да ги убедат сопствените партии.
„Е после тоа доаѓаа борбата во институциите и пред се со сениорските структури во партијата. Бидејќи сега моментално ние сме оставени на добрата волја на сениорските структури дали ќе добиеме некакви финассии или не за некаков проект и настан“
порача Стефан Штерјов од Партија на Власите од Македонија.

„Нас ни останува другиот дел на работата, да го кренеме нашиот глас во нашата партија, да зборуваме повеќе за ови теми и да вклучиме повеќе млади кои се заинтересирани нивниот интегиртет да го имаат и во политика“,
вели Абдула Османи од Алијанса за Албанците.

„Ние треба да се стремиме тие работи, црни кампањи, антагонизмот којшто постои помеѓу партиите да се намалува, светот на нас останува, ние сме помлади, попрогресивни да кажам од нашите повозрасни партиски колеги и ние го даваме тој импулс во македонското општество на зближување помеѓу политиките партии наместо тотална поделба и немање на апсолутно никаква соработка“
вели Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако од различни партии и идеологии младите политичари најдоа компромис и ги дефинираа своите заеднички цели за нивното политичко делување и партиско обединување во име на јавниот интерес.
Сепак, се би било залудно доколку се што научија тука, брзо го заборават откако ќе дојдат на позиција.