Секое утро, 23-годишната Трине Висма, доаѓа во Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари. Таа е од Естонија и веќе 9 месеци работи како волонтер во овој центар. За време на учебната година, им помага во училишните обврски, а на распустот заедно уживаат во цртање, пеење и разновидни игри. Трине е дипломиран психолог, па вели дека овој проект за неа бил совршена понуда. Во земјава дошла преку посредство на Волонтерскиот центар Скопје, а работата со деца Роми и е прво волонтерско искуство.
„Мислев дека ќе биде тешко да ги гледам децата во вакви услови, но всушност не ми е тешко, зошто кога работам со децата не мислам на тоа. Бидејќи тие се толку среќни и искрени. Секое утро ме прегрнуваат и тоа е прекрасно. Не е тага, туку секогаш се добри емоции“, вели Трине.
Северна Македонија е многу поразлична од Естонија, вели Трине. Но, воодушевена е од гостопримството на македонскиот народ. Сепак, посочува и на тажен момент, кој особено е присутен кај младата популација.
„Кога зборувам со млади луѓе од овде, тажно е што речиси сите сакаат да си заминат, да учат, живеат и работаат надвор. Тоа е тажно. Изгледа како да немаат надеж за сопствената земја“, смета Трине.
Трине не е единствен странец кој волонтира во земјава. Во Волонтерскиот центар Скопје има многу повеќе. Групата таму го одржува списанието „ВОИСЕС“. Посветено дискутираат за темите за кои ќе пишуваат и како да ги презентираат на публиката. 29-годишниот Саша Шлутер од Германија, вели дека целна група на списанието се младите.
„Имам шанса да го пренесам моето знаење и вештини тука. Исто така, направив и една училишна работилница, но сега е распуст, па ќе треба да почекам за следните. Но можам и да научам многу новинарски вештини, да научам да користам дизајнерски програми, што е многу добро за мене, бидејќи се интересирам за таа област“, вели Саша.
Изработката на списанието била одлична можност и за 24-годишната Селина Ниеми од Финска, која во својата земја работи како приправник во медиум. Вели дека често на Македонците им е смешно што толку странци доаѓаат тука, пред се поради целокупната состојба во државата, но таа смета дека земјава има голем потенцијал.
„За мене, ова искуство е како излегување од комфорната зона и пробување на нешто сосема ново и учам многу. Преку моето искуство, многу сум среќна тука, па сакам да ги промовирам можностите за младите луѓе. Да одат надвор, да пробуваат нови работи, да живеат на други места и да искусат различни култури и гледишта на животот“, вели Селина.
Споделувањето искуства и знаења за овие млади луѓе е приоритет. Нивната позитивна енергија и ентузијазам се обидуваат да го пренесат и на младите во земјава. Не се штедливи ниту во упатувањето пофалби.
„Морам да ја споменам прекрасната храна која ја имате тука…Да, Македонија навистина стана мојот втор дом“, тврди Селина.