Тој откри дека во пожарот во „Пулс“ загубил пет другари и нагласи дека мора да се преземе нешто за народот во Кочани да може да живее
„Сапорт Кочани“ денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје спроведе герила-акција во знак на поддршка за загинатите и повредените од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Млад маж со селотејп се залепи за бандера, со цел да повика на свесност кај институциите.

Првенствено тој не сакаше да открие за што станува збор, со што го привлече вниманието на голем број минувачи кои му изразуваа поддршка, но и на медиумите. Младиот активист, како што рече, нема да каже ништо додека не се соберат што е можно повеќе новинари, а потоа изјави:
„Се обраќам до големите луѓе на оваа држава. Уште што треба да ни се случи на нас во Кочани за да се освестат дека тој град постои? Толку ли брзо нè заборавија. Пред некој ден си дојдоа деца кои немаат прсти на рацете. Тие деца ќе немаат цел живот раце. Ако ништо друго, дајте на нив да им помогнеме. Толку ли брзо не заборавивте нас од Кочани. Зошто тој град во овие 30 години никогаш не бил битен? Дај да биде ова пример, да направиме нешто за овој град“,
рече кочанчанецот Мартин.
Тој откри дека во пожарот во „Пулс“ загубил петмина другари и нагласи дека мора да се преземе нешто за народот во Кочани да може да живее.
Посочи дека донациите се намалиле, а на повредените ќе им требаат многу пари.
„На едно дете знам дека му се потребни ракавици за рацете и нозете, а една ракавица е 1 000 евра. Значи, ќе му требаат 4 000 евра. Како што гледаме, државата нема да ги обезбеди тие пари. Да се соберат барем пари за тие деца“,
додаде младиот кочанцанец.