Од денешниот протест, Мицкоски во името на ВМРО-ДПМНЕ и на граѓаните кои беа дел од него, побара: враќање на старата цена на струјата, професионализација на Регулаторната комисија и викенди без ДДВ
Во обраќањето, тој за власта користеше квалификации „мафија“ и „криминална банда“ и најави дека неговата партија ќе биде на улица до нејзиниот пад
Враќање на старата цена на електричната енергија, викенд без данок на додадена вредност и професионализација на Регулаторната комисија, побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашниот протест што го организираше неговата партија против покачувањето на цената на струјата.

За првото барање рече дека може да се спроведе со намалување на тарифата за универзалниот набдувач и ја обвини и Регулаторната комисија и Владата дека лажаат кога викаат дека се зголемува само цената за ЕЛЕМ и МЕПСО.
„Наместо да му овозможувате вонреден профит на универзалниот снабдувач, намалете го профитот. Не е точно дека цената се покажува само за ЕЛЕМ и МЕПСО. Не е исто да се множи со 100 и со 110. Еден милион и 800 евра дополнителен приход за една година за универзалниот снабдувач“,
рече Мицкоски.
За второто барање, викенд без ДДВ, Мицкоски рече дека било предизборно ветување на власта, дека ќе се случи во септември. Рече дека септември има четири викенди и Владата има доволно време, наместо да дели мандатни писма, да одлучи граѓаните за викeнд да имаат за 18 отсто пониски цени на производите.
Третото барање што го упати Мицкоски до власта во името на опозицијата е професионализација на Регулаторната комисија за енергетика, а не во неа да има како што рече „ вакви партиски војници, слуги и полтрони“.

Во обраќањето, Мицкоски најави дека ова е само првиот од граѓанските протести што ќе ги организира во иднина опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога неправдата станува закон тогаш протестот, пркосот е наша обврска. Затоа мафијо разбери, овој пат протетсите ќе продолжат, ќе ве детронизираме онаму каде што се наоѓате со поткупени и наместени избори, ќе не има повеќе и насекаде низ Македонија. Нема назад. Денес сме овде и протетстираме за социјална тема, тоа е покачената цена на електиричната енергија. Мафија или Македонија, изборот е јасен – Македонија“,
рече во обраќањето Мицкоски.
Тој цело време за власта ја користеше квалификацијата „мафија од Илинденска бр.2“, додека за првиот човек на Регулаторната комисија дека нивен слуга и притоа покажа фотографија на која Марко Бислимовски е во штабот на СДСМ.
„Овој е независен регулатор, кој прославува во седиштето на СДСМ, па потоа ја кодоши државата и сопствениот народ во меѓународната заедница. Овојчовек потпиша за зголемување на цената за 7,5 процети и брцна во џебот на народот, тој е слуга на мафијата“,
рече Мицкоски.
На критиките, дека однесувањето на опозицијата е антиевропско, Мицкоски спомена неколку примери на однесување на функционери од редовите на власта.
„Не гледам што е европско ако имате градоначалник од вашите редови кого го фаќаат како шверцува штеки цигари, каков европски пратеник имате во вашата пратеничка група ако тргувате со ‘полче’, па и вкусувате, кога директор на јавно претпријатие е фатен со малку повеќе од ‘полче’, кога градоначалник бара мито за себе и за својот брат, во трас -трас судските одлуки“,
истакна Мицкоски во обраќањето на протестот.
Тој и се обрати на власта дека она што го најавуваат како нов почеток е всушност како што рече, почеток на нивниот крај и најави нови протести во иднина.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја преводи е народна коалиција и од сега натаму ќе ја гледате н улица за секоја неправда што му ја нанесувате на овој народ, ќе го гледате ВМРО-ДПМНЕ кое ќе ви биде ноќна мора до крај на вашиот пеколен пад. А нашите пратници заедно со останатите од опозицијата во Парламентот ќе се борат како лавови и лавици за интересите на напатениот народ“,
најави Мицкоки, обраќајќи и се на власта со зборовите: „Криминална бандо собрана таму“.
Поврзани вести:
(ВИДЕО) Започна протестот на ВМРО-ДПМНЕ, учесниците извикуваат „мафија“ и „оставка“