Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ наведуваше примери од договорот за набавка, при што посочи дека вино ќе се купува за 2 293, бурбон виски за 3 413, ликер за 2 034 денари итн.

Скоро три милиони денари ќе потроши Владата за скапи алкохолни пијалаци, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на партијата, Марија Митева, на прес-конференција презентира документ од договорот обвинувајќи за луксузирање на државен трошок од страна на функционерите на СДСМ и ДУИ.
Станува збор за договор кој, како што рече, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) ја склучила со три фирми на 24 април годинава.
„Овој договор е Рамковна спогодба со која на договорниот орган му се дозволува да повлекува производи од палетата која е понудена во текот на целиот договорен период. Договорот е склучен со три економски оператори, со тоа што му се дава можност на СОЗР ако еден економски оператор не може да ја изврши нарачката, институцијата истиот пијалак да го нарача од друг економски оператор, по цените коишто се понудени од секој поединечно“,
рече Митева.
Таа презентира и детали тврдејќи дека вино означено како барик од 0,75 литри ќе се купува по цена од 2 293 денари. Високи суми има за и за виски, ликер…
„Додека народот преживува со 150 денари на ден, Ковачевски и неговите министри и директори ќе имаат можност да пијат виски од 1 литар, со минимум 42 отсто алкохол кое чини 2 730 денари. А, кога ќе сакаат да пијат нешто поскапо, ќе пијат бурбон виски во шише од 1 литар и со минимум 42 отсто алкохол кое чини 3 413 денари. Додека болните од дијабетес чекаат инсулин, функционерите од власта ќе се засладуваат со крем ликер набавен за 2 034 денари. Кога народот ќе купува поевтини тестенини, министрите и директорите на Ковачевски ќе наздравуваат со пенливо полуслатко бело вино од 1 331 денар“,
рече Митева.
Коњак, пак, продолжи да набројува портпаролката, ќе чини 3 413 денар.
„Овие пијалаци, во кои ќе уживаат функционерите од власта, половина милион луѓе во Македонија можеби воопшто нема да можат никогаш да ги пробаат. Вака изгледа луксузот на власта на сметка на сиромашниот народ. Ова мора да има крај“,
рече Митева.