Тој нагласи дека македонскиот јазик е наш и предлогот го почитува тоа и потенцираше дека целото законодавство на ЕУ ќе биде преведено на македонски јазик. На прашањето дали воопшто може да се спречи Бугарија во процесот на преговори да не ја блокира земјава врз основа на билатерални теми, Мишел одговори дека тој како претседател на Европскиот совет ќе направи сè што може да спречи некој да го расипе преговарачкиот процес со нелегитимни теми
Македонци имате историска можност да кажете „да“, порача претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски давајќи поддршка за францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и старт на преговорите со ЕУ.
„Знам колку е посветена вашата земја, колку вашиот народ е посветен на слободниот свет, на демократските вредности и начела. Дозволете ми искрено да ви кажам како пријател дека оваа можност е премногу важна за да се пропушти. Никогаш не сме биле толку блиску. Македонци имате историска можност да кажете ’да‘. ’Да‘ на почетокот на преговорите, на ЕУ, за нашите деца. Вашата земја има прилика уште еднаш да стане првак во проширувањето. Тоа ќе внесе нова динамика, овие реформи ќе ве приближат до ЕУ, ќе доведат до поголем просперитет, стабилност и отпорност на вашиот народ. Може да сметате на политичка и финансиска поддршка и, она што е уште поважно, на наше почитување и лојалност. Само заедно можеме да се соочиме со огромните предизвици со кои се соочуваме. Само заедно можеме да живееме во просперитет и безбедност и само заедно може да ги надмине најголемите пречки. Цврсто сум уверен дека тоа може да го направиме сега“,
рече Мишел.
Ако кажете „да“, рече претседателот на Европскиот совет, тогаш првата меѓувладина конференција ќе се организира во следните неколку дена, по што ќе следат наредните чекори односно ќе започне скрининг процесот и наши преговарачки тимови ќе бидат повикано во Брисел.
Мишел се осврна на предлогот и нагласи дека во него јазикот е дефиниран како македонски.
„Со овој предлог јасно дискутираме и за македонскиот јазик. Тој е ваш јазик и предлогот го почитува тоа. Законодавството на ЕУ целото ќе биде преведено на македонски јазик. Исто така, свесни сме за загриженоста што ја изразија некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет. И може да сметате на мојата целосна поддршка дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни права. Секако добрососедските односи се неопходен елемент во процесот на проширување како што е за сите партнери од Западен Балкан. Што се однесува за почитување на малцинствата, во договорот за ЕУ е зацртано, и во Северна Македонија гледам одличен напредок по ова прашање, вие сте пример како мултиетничките држави може да напредуваат. Ако го промените Уставот тоа ќе се гледа како посветеност и придржување до овие повисоки стандарди и автоматски без натамошни одлуки тоа ќе ја отвори првата меѓувладина конференција и автоматски ќе ги започнеме преговорите. Одлуката за ова е кај вас“,
рече Мишел.
На прашањето дали воопшто може да се спречи Бугарија во процесот на преговори да не ја блокира земјава врз основа на билатерални теми кои се дел од годишните извештаи и од мерките за спроведување на Договорот за добрососедство од членот 12 кој е инкорпориран во преговарачката рамка, Мишел одговори дека тој како претседател на Европскиот совет ќе направи сè што може да спречи некој да го расипе преговарачкиот процес.
„Јасно е дека во преговарачката рамка сакаме да ги земеме предвид различните кластери, нивото на напредок што ќе се постигне и ќе направиме се. Јас во мое својство на претседател на Европскиот совет ќе направам сè што можам да спречам некој да се обиде да го расипе овој процес со теми кои нема да бидат легитимни“,
рече Мишел.
Северна Македонија, додаде тој, е одличен пример за мултиетничка земја и важно е да се одржи тоа.
„Со почеток на преговорите паралелно во реципрочен процес би било возможно да се дојде до решенија кои ќе бидат потребни за да се идентификува кои се темите што ќе бидат решавани на билатерално ниво. Може да сметате на мене и на институциите на ЕУ за овој процес на проширување, дека ќе напредува. Видовме дека има елементи кои се директно неповрзани со процесот и не сакаме тоа да се случи“,
рече Мишел.
Претседателот на Европскиот совет денеска во Скопје присуствуваше и на владина седница, а претходно имаше средба и со шефот на државата, Стево Пендаровски. Попладне, пак, предвидено е тој да има средби и со координаторите на пратеничките групи на парламентарните партии.