Милошоски напоменува дека и двата предлози опфаќаат, како што рече, детронизирање на ДУИ за која вели дека е 20-годишен вирус кој ги атрофира институциите со висока корупција и голема неефикасност
За работните групи што СДС ги формира да имаат смисла, партијата мора да каже кој од двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време. Ова го изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Молошоски.

„Првиот предлог кој го даде претседателот на ВМРО, Христијан Мицкоски е: Преодна влада без ДУИ, излегување на ДУИ од сите ешалони и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ. И така би добиле како држава гаранција дека и Бугарија ќе биде активно заинтересирана за наше вклучување во ЕУ и дека Македонија ќе добие одредена извесност дека нема да има понатамошни бугарски ирационални блокади. Вториот предлог што го даде ВМРО-ДПМНЕ е предвремени избори оваа есен, при што дадени се три датуми за кои што СДС би требало да размислат кога би се одржале во септември или октомври, потоа да се обезбедат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија, со тоа што ќе се гарантира многувековниот идентитет, но истовремено ќе се дадат и осигурувања дека државата повторно нема да ги има секоја година ирационалните блокади од Бугарија“,
вели Милошоски.
Додаде дека после изборите новиот премиер ќе побара и економски пакет од Европската комисија што ќе значи подготовка и на стопанството и на граѓаните за конкурентност во самата ЕУ, а од Бугарија, заради добрососедство, би побарале исполнување на три пресуди од Судот во Стразбур, што се веќе правосилни, по избор на официјална Софија.
„Така ќе докажеме дека кога говориме за добрососедство не говориме само за компромиси или концесии од страна на Македонија, туку разговараме и за обврски кои што се меѓународно валидни и за Бугарија. После тие предвремени избори кој и да биде опозиција ќе има обврска да ја поддржува Владата и државата во овие чекори за интерес на Македонија и на нашата евроинтеграција“,
потенцира Милошоски.
Милошоски напоменува дека и двата предлози опфаќаат, како што рече, детронизирање на ДУИ за која вели дека е 20-годишен вирус кој ги атрофира институциите со висока корупција и голема неефикасност.
„ДУИ не е повеќе во позиција да условува, тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, дека ДУИ треба да оди во опозиција и дека тоа ќе биде корисно за институциите и за довербата на граѓаните во државата. Високата корупција мора да се соочи со одговорност, а во рамките на ДУИ истата постои на големо“,
смета тој.
Милошоски потенцира дека формирање работни групи би имало смисла само доколку СДСМ јасно каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив.
„Дополнително сакаме да потенцираме дека сите спинови околу уставните измени и нивно прифаќање под бугарски диктат се невистинити бидејќи ВМРО-ДПМНЕ напоменува и кон СДС и кон ДУИ дека во овие околности вакво диктирање на уставни измени нема да поминат. Доколку не веруваат, нека ги предложат уште во понеделник во Собрание и ќе видат дека ќе доживеат неуспех. Затоа наместо СДС да свикува ИО и ЦО и да формира работни групи кои што не би имале суштинска работа, подобро е да прифати да се откаже од ДУИ и второ јасно да каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ се за нив прифатливи“,
вели Милошоски.
Според него, СДСМ и ДУИ се свесни дека ја губат власта и дека доаѓа време кога ќе треба да се соочат и со избори и со одговорност. „Очекуваме СДС да даде одговор наместо да продолжува со манипулации“, рече Молошоски.