„Тоа не значи дека во текот на разговорите Бугарија или некоја друга држава не може да извади некои прашања кои како услови ќе ги бара од нас, но за нас е клучно сето тоа да биде втемелено во европските правила, во европските стандарди, да не биде самоволно барање или еднострано барање или билатерално прашање и ние на тоа ќе инсистираме“, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за МИА
Убеден сум дека по усвојувањето на уставните амандмани Бугарија ќе го изгуби кредибилитетот да блокира. Ова во интервју за МИА го вели вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија (ЕУ), Бојан Маричиќ, на прашањето дали има гаранции дека и по усвојувањето на уставните измени Бугарија нема повторно да стави блокада за нашето зачленување во ЕУ.
„Тоа не значи дека во текот на разговорите Бугарија или некоја друга држава не може да извади некои прашања кои како услови ќе ги бара од нас, но за нас е клучно сето тоа да биде втемелено во европските правила, во европските стандарди, да не биде самоволно барање или еднострано барање или билатерално прашање и ние на тоа ќе инсистираме. Нашата најдобра гаранција е тоа што го пишува во преговарачката рамка, а тоа е дека во моментот на усвојувањето на уставните измени добиваме автоматски втора меѓувладина конференција, која треба да го отвори Кластерот 1 и да почнат преговорите во тој дел, практично преговорите да заземат одреден тек“,
кажа Маричиќ.
Тој очекува во наредниот период дополнителна гаранција дека не може да се загрозат македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
„Очекуваме во најскор можен рок, во наредните денови и недели една голема држава членка, најголема држава членка во Европската Унија, да направи политички гест – во својот Парламент да усвои еден вид на таква декларација за реафирмација на нашиот јазик и идентитет во контекст на интеграциите во Европа“,
открива вицепремиерот.
Тој проценува дека најдоцна до 2030 година ќе станеме членка на ЕУ. Според него, земјава има сериозна шанса и можност што треба да ја искористи и да го фати овој пакет на следно проширување.
„Првиот нареден момент кога ќе се отвори вратата за нови членки Северна Македонија да биде во новите членки. Тоа е нашата цел и сметаме дека тоа е остварливо во наредните пет-шест години“,
оценува тој.