Да немате ни трошка сомнение дека не се дава терапија или дека се прави нешто. Јас сум гаранција за тоа. Затоа дојдов да зборувам со сите доктори тука. Ако некој се огрешил, ќе одговора и тоа најригорозно ќе биде санкциониран, за тоа да бидете убедени. Но, ве молам, верувајте им на овие професионалци, на овие доктори, им рече Меџити на пациентите кои денеска беа во чекалната на Онкологија

Терапијата е квалитетна, таа е терапијата која треба да ја прими секој пациент. Немајте ни трошка сомнеж дека се случува нешто тука. Со овие зборови денеска министерот за здравство Фатмир Меџити ги убедуваше пациентите на Клиниката за онкологија кои беа во чекалната и побара од нив да им веруваат на лекарите од Клиниката. На видеото снимено од телефон, кое е објсвено на фејсбук-страницата на Министерството за здравство, тој пред присутните ветува дека ќе се санкционираат сите медицински лица што го прекршиле законот.
„Не може на сите лекари да се плука. Вие знаете дека овие доктори ги оставаат и децата и семејствата за да бидат до вас, ние знаеме дека овие се многу комплицирани болести. 23 години работам тука, не се согласувам со овие услови, затоа до сега не сум можел да менувам нешто, сега сум министер и пополека ќе ги менуваме работите. Преку ноќ нема да се сменат. Работиме макотрпно и нема да дозволиме и ќе го санкционираме најјако тој што се огрешил. Да немате ни трошка сомнение дека не се дава терапија или дека се прави нешто. За тоа јас сум гаранција. Затоа дојдов да зборувам со сите доктори тука. Вие имате доверба, јас знам дека вие ги гледате овие доктори како се. Ако некој се огрешил ќе одговора и тоа најригорозно ќе биде санкциониран, за тоа да бидете убедени. Но, ве молам верувајте на овие професионалци, на овие доктори“,
рече Меџити.
Меџити им рече на пациентите дека ако некој знае нешто треба да му каже за да се решат проблемите.
„Еве тука сум да зборуваме да ми кажете за да ги решиме работите. Но, ве уверувам, дека тука нема веќе пропусти и нема да има. Ако имало, тоа не го знам од порано“,
додаде Меџити.
Пред да оди на Онкологија, Меџити денеска бил и на состанок на стручниот колегиум на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) на кој се разговарало за воспоставениот систем на работа на Клиниката, начинот на контрола на терапијата, соодветна и навремена терапија за секој пациент, како и за механизмите за елиминирање на какви било злоупотреби со терапиите.
Од Здравство велат дека Клиниката за онкологија нов начин на работа има воведено од ноември лани, каде што конзилиум од 12 раководители на оддели ги разгледуваат историите на пациентите на кои им е индицирана апликација на биолошка терапија и заеднички се одлучува дали има основа пациентот да прима одредена терапија.
„На овој начин е исклучена можноста за евентуални злоупотреби односно поединечно носење одлуки за биолошката терапија. За аплицирање на назначената терапија, постои уредна евиденција во амбулантниот дневник кој се води во дневната болница. На Клиниката се води и електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на Онкологија. Во електронската евиденција на УКРО за секој лек постои ’картица на артикл’ кој ги содржи следните податоци: име и презиме на пациент, број на евидентиран преглед, датум на преглед, датум на апликација на лек, количина на лек“,
се додава во соопштението од Министерството за здравство.
Министерот на состанокот упатил апел за максимална посветеност на лекарите кон пациентите, со оглед на случувањата поврзани со Онкологија кои иако се случувале во минатото, сепак, е оправдана грижата на пациентите и нивните семејства.
Лекарите на состанокот побарале да бидат заштитени од генерализирање на одговорност и од јавниот линч бидејќи професионално и посветено работат, што е показател за многу излекувани пациенти и спасени животи.
За случајот со Онкологија денеска со соопштение излегоа и од Основното јавно обвинителство од каде велат дека заедно со Министерството за внатрешни работи интензивно преземаат дејствија за проверка на наводите за Клиниката за онкологија. Од Обвинителството велат дека во континуитет се вршат распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија, а исто така, отпочнати биле и дел од анализите на прибраните материјални докази.
Меѓутоа, додаваат од Обвинителството, со оглед на фазата во која се наоѓа постапката не се во можност да споделуваат детали за текот на постапката за Клиниката за онкологија.
Јавното обвинителство, се вели во соопштението, го разбира интересот на јавноста за овој предмет и во оној момент кога ќе се стекнат објективни услови без да се наруши текот на постапката, соодветно ќе информира за сите резултати од преземените дејствија.
Во понеделникот пред зградата на Владата и на Јавното обвинителство се одржа протест поради последните случувања на Клиниката за онкологија, каде што медиумите открија дека се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.
Протестот заврши со поставен ултиматум до властите за една недела да излезат со правда за случувањата на Онкологија и со најава дека следната недела повторно ќе се организира собир на истите локации.