„Од страна на институциите бев известен дека се во тек со актуелната состојба“, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во објава на Фејсбук
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вечерва на социјалните мрежи информира дека ги известил сите надлежни институции по пријава дека во околината на градскиот парк е забележана мечка.

Објавата на градоначалникот на Фејсбук следува откако на социјалните мрежи беше споделено видео на кое се гледа како мечка се движи во околината Битола, што предизвика реакции кај жителите на градот, а обвинувања за неажурност на локалните власти дојдоа и од опозициските партии во општината.
„Како градоначалник на Битола и во име на Општина Битола ве информирам дека во врска со случајот на појава на мечка што можеше да се види на видео споделено на социјалните мрежи, контактирав и ги информирав Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, како и државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство“,
вели Коњановски.
Изминатите денови, вели тој, имало повеќе пријави до институциите дека е забележана мечка во атарот на селата Трн, Оптичари, Поешево и Егри. Последната пријава на единствениот број за итни случаи -112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК), како што наведува градоначалникот, е од раните утрински часови денеска за мечка забележана во околината на градскиот парк во Битола.
„Од страна на институциите бев известен дека во тек се со актуелната состојба“,
вели Коњановски.
На крајот на објавата тој додава дека изминатите години во овој регион, исто така, имало пријави и случаи каде што била нанесена материјална штета од мечки, кои согласно законите се под заштита.
Телевизија Телма денеска објави дека жители на Битола снимиле мечка како се движи на улицата „Македонска фаланга“, во близина на градското шеталиште, Под Тумбе Кафе, кај стадионот во Битола.
Според телевизијата, од Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола потврдиле дека случајот е пријавен во полиција.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци.
Според Кривичниот законик, ловењето дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години.
