За животната мисија на добитниците на државната награда за човекови права „Мето Јовановски“ – Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски. Погледнете го видеото
Секогаш кога ќе го слушнам свирежот на возот, морам да се појавам надвор да видам што се случува. Јас сум родена во Велес, 1967 година, мажена сум тука, мајка сум на два возрасни сина, баба на внукот Ангел, така што, еден нормален, секојдневен живот, сè до 2013 година.

Оттогаш па до денес, домот на Ленче Здравкин во Велес е попатна станица на илјадници бегалци и мигранти. Дење или ноќе, пеш или качени на вагоните, таа им пружа помош. Нejзинатa мисија ја поддржуваат невладини организации, компании и поединци, кои повремено ја снабдуваат со намирници.
„Има бегалци кои се многу повредени, со длабоки рани на нозете од долгото патување, побаруваат само да го наполнат телефонот, за да се јават на нивните фамилии, храната, медицинската помош, топлата облека, доаѓаат од југ, од Грција, како доаѓаат наваму е се поладно и поладно, потребни се јакни и топла облека“,
вели таа.

Речиси никој од нив немал слушнато за Македонија, а сите понеле убав спомен од тука, сведочи Ленче. Разни згоди и незгоди се случувале и на овој дел од балканската рута на бегалците.
„Секогаш се трудев во неубавото да го најдам убавото. Во 2015 година имавме една сериозна незгода, каде што во еден момент 14 млади бегалци беа изгазени од возот. Тие се закопани тука во Велес, на гробиштата во Раштани, една трагедија, една неубава слика, живеев со тие спомени, меѓутоа, после три години, се случи да се јават три семејства и во сето тоа неубаво го видов убавото, што три фамилии најдоа кај се нивните деца, каде почиваа нивните деца. Но, на сметка на тоа, па и многу нови животи се родија, што сепак ме држеше, ми давање надеж, некаква волја да продолжам понатаму“,
додава таа.
Таа го отстапила и својот велосипед на бегалец од Авганистан за побрзо да стигне до Србија.
„Го прашав што е по професија, беше фудбалер, го прашав дали ќе може и вика оффф, супер. И пораката што ми ја испрати беше споредба, направи споредба на велосипедот со мерцедес“.

Бегалската рута не е затворена, иако бројот на оние што поминуваат по неа е намален, вели Здравкин. А освен со миграните и бегалците, таа е вклучена и во низа други хуманитарни настани, донаторски акции, базари…
„Мојот живот премногу се промени. Ако некогаш сум мечтаела, сум посакувала одредени работи, денеска сфаќам дека само со основните работи може човекот да се задоволи, да преживее, дека многу малку е потребно за еден човек да преживее“,
вели Здравкин.

Денис Јанкуловски е медицински техничар од Центарот за јавно здравје во Скопје. За време на ковид-пандемијата, во скафандер помина кај 10 000 семејства, за во домашни услови да земе брис од секој суспектен на коронавирус.
„Со пандемијата, малку како космонаутко, така и ме доживуваа децава, ми кажуваа од некоја планета Зиз сум бил, па таму било некое чудовиште, па требало да го победам, значи многу интересни приказни има со децава во текот на пандемијата. Кумот на името ‘Космонаутко’ е едно детенце, коешто кога заѕвонив на вратата за да земам брис, буквално вака беше седнато во скутот на мајката и како отвори таткото врата, детево седеше и рече на мајката – мамо, мамо еве дојде космонаутот“,
вели Јанкуловски.
Во неговата канцеларија се и спомените од екот на пандемијата.
„Денко – Космонаутко го имаа нацртано, а од другата страна, ‘Пеј со Денко, гуш, боц и бац’. Mене ми беше, навистина, значајно да им кажам што ќе правам, дека ќе земам брис, дека е во грло-нос, дека е далеку од нешто пријатно, меѓутоа, според мене, децата треба да знаат за да не доживуваат никаков шок. Искрено. За која било работа мора да се настапи искрено затоа што децата се искрени“,
додава тој.

Освен за другите, Космонаутко наоѓаше издувен вентил и за себе. Песната му помагала полесно да се соочи со секојдневните задачи.
„Семејство каде што отидов, мислам дека четири или пет души имаа изгубено, после, една бабичка беше тажна кога бев да ѝ земам брис, во смисла седната на тераса, вели – до вчера заедно си го пиевме кафенцето, сега веќе не ми се пие кафе, така некои моменти. Тажно ми беше, искрено да кажам, многу ми беше тажно кога требаше да земам брис на лице со попреченост“,
ни раскажа Јанкуловски.

А, лицата со атипичен развој се животен предизвик на Јанкуловски. Секој миг од слободното време го посветува на мисијата да го направи нивното секојдневие поубаво, па го украсува со музички спотови, собири, игри…
„Скоро никој ме немаше прашано директно, меѓутоа, некој од родителите на дружбите ќе прашаа – ‘што има Денис?’, во смисла, дали имам некој со попреченост нешто, некој близок, можеби и ден–денес им е на некои луѓе чудно зошто јас го правам сето тоа. Едноставно, немам причина, еве во наводници да кажам, меѓутоа, јас отсекогаш сум сакал да помогнам, барав начин како да се помогне и верувам дека со многуте пријатели, огромен е кругот, верувам дека придонесуваме барем колку-толку да им измамиме насмевки на родителите на тие дружби“,
вели тој.

Јанкуловски има педесет и една година и почувствувал дека во таа доба од животот може волонтерски да придонесе за заедницата.
„За себе кажувам дека од секогаш сакав и барав начин на кој некако ќе можам да бидам во конекција со лицата со посебни потребни, односно лицата со атипичен развој. Не знам, некако, едноставно уште од дете ме привлекувало нешто, честопати кога се размислувам или кога ќе ме прашаат вака – зошто е сето тоа, претпоставувам дека бидејќи и јас сум единец, значи немам ниту брат ниту сестра, веројатно до некаде ја чувствувам таа самотија којашто ја имаат тие лица“,
вели тој.

Јанкуловски и Здравкин се годинашни добитници на државната награда „Мето Јовановски“. Ова е нивно признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
„Тоа значи само едноставно ветер и грб за понатаму да продолжиме, да продолжам јас со моите другари, да продолжиме и натаму да функционираме на овој начин. Не можеш да ветиш нешто такво, меѓутоа јас знам за себе дека ова ќе го правам додека можам да го правам, а планирам едно сто години да бидам детето, пораснато дете“,
вели Јанкуловски.
„Треба сите да сфатиме дека секој човек има загарантирано свое право, без разлика дали е човек од нашето опкружување, дали е човек во патување, дали е бегалец, дали е било што, секој има право на еден нормален и достоинствен живот“,
порачува Здравкин.