Како што наведе таа, официјалните податоци од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини покажуваат дека актуелен концесионер на локалитетот Луке е компанијата „РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“, чиј сопственик е Ѓорѓе Качурков, лице кое се јавува како донатор на владејачката партија
Како уште еден факт, во оваа насока, Кузеска го наведе и тоа што договорот за експлоатација на рудникот за антимон во Вашингтон го потпиша Ник Јовановски, извршен директор на австралиската компанија „Пела глобал лимитед“, кој уште во 2015 година, како застапник на фирмата на донаторот на ВМРО-ДПМНЕ, го потпишал договорот за концесија на локалитетот Луке
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска во нова т.н. „бомба“ на нивниот антикорупцикси тим, објави документи, кои според нив покажуваат дека отворањето на рудникот за антимон во кривопаланечкото село Луке е уште еден бизнис-план на владејачката ВМРО-ДПМНЕ што се реализира преку фирми на донатори на партијата, а под превезот на проект од државен интерес во рамките на стратешкиот дијалог со САД.

Наводите на СДСМ на прес-конференција ги соопшти членката на Извршниот одбор (ИО) и портпаролка на партијата, Богданка Кузеска, која изјави дека граѓаните ќе видат кој стои зад фирмите што се носители на рудникот за антимон во Крива Паланка, односно дека станува збор за донатори на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што Христијан Мицкоски се обиде да му го продаде на народот како наводен ‘државен интерес’ и стратешки дијалог со САД, всушност е само уште еден бизнис-план. Профит, пред здравје, бизнис пред народ. Одиме по ред“,
рече Кузеска.
Како што наведе таа, официјалните податоци од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини покажуваат дека актуелен концесионер на локалитетот Луке е компанијата „РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“, чиј сопственик е Ѓорѓе Качурков.
Станува збор за лице донатор на ВМРО-ДПМНЕ, што, според Кузеска, недвосмислено го потврдуваат официјални документи и финансиски извештаи.
„Ова е крунскиот доказ! Рудникот со антимон е бизнис дил, класична партиска концесија“,
истакна членката на ИО и портпаролка на СДСМ.
Како уште еден факт, кој оди во оваа насока, таа го наведе и тоа што договорот за експлоатација на рудникот за антимон во Вашингтон го потпишаа Конор Колман, раководител на инвестиции во Корпорацијата на САД за финансирање на меѓународниот развој (ДФЦ), и Ник Јовановски, извршен директор на австралиската компанија „Пела глобал лимитед“.
Според Кузеска, станува збор за Николче Јовановски кој уште во 2015 година, како застапник на фирмата на донаторот на ВМРО-ДПМНЕ, го потпишал договорот за концесија на локалитетот Луке.
„Со ова мрежата е целосно разоткриена, а центарот на контролата е јасен. Значи ВМРО-ОКГ е подготвена да го жртвува здравјето на граѓаните за профитот на своите спонзори“,
рече членката на ИО на СДСМ и портпаролка на опозициската партија.
Таа уште еднаш го повтори барањето на СДСМ за организирање референдум во општина Крива Паланка на кој жителите на оваа општина ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ отворање на рудник за антимон. Овие информации и податоци, како што додаде таа, се уште една причина зошто мора да биде спроведен референдум на кој ќе се прашаат граѓаните.
Ова е уште една причина, додаде таа, зошто градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, мора да ги слушне граѓаните, а не премиерот Христијан Мицкоски.
„Здравјето мора да биде пред профитот на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“,
подвлече Кузеска.
Од СДСМ и вчера го прозваа градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од нивните редови, посочувајќи дека тој не може сам да одлучува или да се договара со премиерот за отворање рудник, туку за тоа е потребен референдум на кој граѓаните ќе го кажат конечниот збор.
Намерата за отворање рудник за антимон во Кривопаланечко беше објавена непосредно пред втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД што неодамна се одржа во Вашингтон.
Во заедничката изјава по дијалогот двете земји ја поздравија одлуката на Корпорацијата на САД за финансирање на меѓународниот развој (U.S. International Development Finance Corporation) за доделување помош во износ од пет милиони американски долари за повторно отпочнување на ископување антимон во Северна Македонија. Договорот го потпишаа Конор Колман, раководител на инвестиции во ДФЦ, и Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“. На потпишувањето на договорот во Вашингтон присуствуваа шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Премиерот Христијан Мицкоски во неделата повтори дека станува збор за стратешка инвестиција, откако од опозицискиот СДСМ побараа јавна дебата, консултации со експертската фела и одржување локален референдум на кој жителите на општина Крива Паланка ќе одлучат дали сакаат рудник за антимон или не.
Мицкоски, исто така, изјави дека правото на референдум е уставно загарантирано и секој може да го побара, но оти е зачуден од фактот што градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, има поинакво мислење од раководството на партијата околу барањето за локален референдум во врска со рудникот за антимон.
