Новото соопштение на СДСМ, условно кажано, доаѓа откако премиерот Мицкоски во неделата изјави дека правото на референдум е уставно загарантирано и секој може да го побара, но оти е зачуден од фактот што градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, има поинакво мислење од раководството на партијата околу барањето за локален референдум во врска со рудникот за антимон
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го повтори своето барање за организирање локален референдум во Крива Паланка на кој граѓаните на овој град ќе се изјаснат дали се за отворање рудник за антимон. Првично социјалдемократите од „Бихаќка“ ова прашање го отворија во неделата, а во денешното писмено соопштение оттаму го прозиваат градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој доаѓа од нивните редови, посочувајќи дека тој не може сам да одлучува или да се договара со премиерот Христијан Мицкоски за отворање рудник.

Новото соопштение на СДСМ, условно кажано, доаѓа откако премиерот Мицкоски во неделата изјави дека правото на референдум е уставно загарантирано и секој може да го побара, но оти е зачуден од фактот што градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, има поинакво мислење од раководството на партијата околу барањето за локален референдум во врска со рудникот за антимон.
Во своевидна реакција од СДСМ, во таа насока, во денешното соопштението велат:
„Градоначалникот Сашко Митовски не може да одлучува сам или да се договара со Мицкоски. Граѓаните на Крива Паланка, а не експертите поврзани со ВМРО-ОКГ и бизнис-интересите на Мицкоски, треба да одлучат дали сакаат рудник за антимон во нивниот крај“.
Од опозициската партија појаснуваат дека тие не се против инвестиции, туку против рудник што го загрозува здравјето и „тивко убива“ бидејќи, како што наведуваат од СДСМ, копањето антимон е една од најтоксичните рударски дејности во светот.
„Тоа носи сериозни здравствени ризици – респираторни заболувања, оштетување на срцето, проблеми со црниот дроб и бубрезите, дерматитис, анемија, репродуктивни нарушувања и зголемен ризик од рак на белите дробови. Антимон триоксид е класифициран како веројатно канцероген за луѓето“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму се повикаат и на, како што велат, горчливото искуство со рудникот во Лојане, каде што отпадот од старите рудници и денес ја загадува почвата, водата и воздухот. Според СДСМ, луѓето во оваа област сè уште страдаат од хронични заболувања, а отпадот продолжува да го труе регионот со децении.
Истото, велат од СДСМ, се случува и со проектите за литиум.
„Се ветуваат работни места, а на крајот остануваат загадена вода, почва и сериозни здравствени проблеми. Македонија веќе е на црната листа по квалитетот на воздухот. Уште еден рудник за токсичен метал значи уште еден проект за убивање на граѓаните“,
велат од СДСМ.
Од опозициската партија порачуваат да градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, мора првенствено да ги слуша своите граѓани, а не премиерот Мицкоски, кој, како што наведуваат „ја гледа државата како свој тендер“.
„Мора да знае градоначалникот Митовски кога се слуша со Мицкоски, човекот кој се занимава исклучиво со својот приватен бизнис, носи часовници од 65.000 евра додека народот гладува, купува приватни авиони и прави струја преку почесни конзули како неговиот пријател Душан Адамовиќ. Градоначалниче – референдум! Нека граѓаните на Крива Паланка сами одлучат. СДСМ е и секогаш ќе биде на страната на народот, а не на страната на Мицкоски и неговата тендер-коалиција“,
порачуваат од СДСМ.
Инаку, иницијативата за отворање рудник за антимон во Кривопаланечко произлезе од втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД што неодамна се одржа во Вашингтон.
Во заедничката изјава по дијалогот двете земји ја поздравија одлуката на Корпорацијата на САД за финансирање на меѓународниот развој (U.S. International Development Finance Corporation) за доделување помош во износ од пет милиони американски долари за повторно отпочнување на ископување антимон во Северна Македонија.
Договорот го потпишаа Конор Колман, раководител на инвестиции во ДФЦ, и Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“. На потпишувањето на договорот во Вашингтон присуствуваа шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Инаку, непосредно пред одржувањето на Стратешкиот дијалог, премиерот Христијан Мицкоски најави дека повторно ќе се врши експлоатација на антимон во кривипаланечко Луке. Тој и викендов повтори дека станува збор за стратешка инвестиција, откако од опозицискиот СДСМ побараа јавна дебата, консултации со експертската фела и одржување локален референдум на кој жителите на општина Крива Паланка ќе одлучат да сакаат рудник за антимон или не.
