Дрин Ахмети, внук на политичарот Али Ахмети, буквално без да вложи денар, добива 12 милиони евра учество во деловна зграда. Дали тоа е нормална појава и пракса од секојдневниот живот, па за ЈО тоа воопшто не е сомнително? Или, пак, причината е тоа што братот на Ахмети, како што гледаме, и на оваа фотографија буквално му седи на глава на обвинителот Ислам Абази, рече Ковачки
Имајќи ја предвид фотографијата направена во домашна атмосфера, а на која се гледаат таткото на Дрим Ахмети, брат на Али Ахмети и Ислам Абази, шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, сосема е јасно зошто ЈО со денови молчи и не смее да отвори постапка како тоа внукот на Али се стекнал со 39 отсто од деловниот центар „Соравија“ без да плати ниту денар, изјави на прес-конференција Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ покажувајќи ја фотографијата за која говореше.
„Соопштението со кое ЈО ги повикува институциите да отпочнат постапка е смешно и трагично истовремено, а уште е потрагично тоа што обвинителството потенцира дека отвора предмети по допрен глас кога има сериозен сомнеж за криминал. Па што е поочигледно од тоа внукот на Али Ахмети, политичар од кого зависи владата, да добие 39 отсто од деловен објект вреден 30 милиони евра? Дрин Ахмети, внук на политичарот Али Ахмети, буквално без да вложи денар, добива 12 милиони евра учество во деловна зграда. Дали тоа е нормална појава и пракса од секојдневниот живот, па за ЈО тоа воопшто не е сомнително? Или пак причината е тоа што братот на Ахмети како што гледаме и на оваа фотографија буквално му седи на глава на обвинителот Ислам Абази?“,
рече Ковачки.
Кланот Ахмети, додаде тој, е соголен пред целата македонска јавност.
„Народот виде дека додека Али е политичар, како неговото семејство се стекна со имот вреден десетици милиони евра. И да не покрене истрага ЈО, во што по оваа фотографија на Ахмети кој седи на главата на Абази се сомневаме, на народот му е кристално јасно дека ДУИ и СДС треба да си заминат час поскоро. А тогаш ќе има одговорност, како за криминалците од ДУИ и СДС така и за обвинителите кои што ги штителе“,
изјави Ковачки.
Како што веќе објави „360 степени“, внукот на Ахмети ќе поседува 39 отсто од фирмата „Соравија инвест“, а 49 отсто од „Соравија менаџмент“. Меѓутоа, колку пари дал не е познато бидејќи сумата за продажбата е деловна тајна. Али Ахмети, вели младиот бизнисмен, ми е чичко и тој е моја мотивација, но нема врска со мојот бизнис.
Станува збор за продажба на две фирми – „Соравија инвест“ и „Соравија менаџмент“, од кои Австријците продаваат 90, односно 100 отсто. Нови газди, пак, ќе бидат реномираната компанија со седиште во Албанија „Пе-вла-ку“ и домашната „Тхор индустрис“ ДООЕЛ.
