-Јас, Димитар Ковачевски, сум Македонец од раѓање. Знам една работа – ниту една хартија не може да ми го одземе или намали мојот идентитет, јазик или историја, кои ме прават Македонец и за кои имам света обврска да ги почитувам и зајакнам, кажа меѓу другото премиерот во воведното обраќање во Собранието, кое едвај се слушаше, оти пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано свиреа со вувузели
Пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ
Денеска присуствуваме на исклучително значајна седница во Собранието, денес започнуваме историска седница. Само овие зборови можеше мирно да ги изговори премиерот Димитар Ковачевски во воведното обраќање пред пратениците, кои на дневен ред денеска ја имаат владината Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.
Само што го започна воведното обраќање Ковачевски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со пластични труби – вувузели, практично го саботираа говорот, па од свирежите тешко можеше да се слушне што зборува премиерот.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ носат маички со испис „НЕ“, имаат и транспаренти и пластични труби на кои постојано свират.
„Почитувани граѓани, јас, Димитар Ковачевски, сум Македонец од раѓање. Знам една работа – ниту една хартија не може да ми го одземе или намали мојот идентитет, јазик или историја кои ме прават Македонец и за кои имам света обврска да ги почитувам и зајакнам. Знам дека со паметен пристап, со продолжување на европскиот пат, можам да станам само поголем и подостоинствен и рамноправен Македонец, граѓанин на Република Северна Македонија и граѓанин на Европската Унија“,
кажа Ковачевски и ги повика пратениците да го поддржат францускиот предлог.

Пратениците во македонското Собрание денеска нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата и се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.
Врз основа на заклучоците што ќе ги донесе Собранието, а кои во форма на предлог ги соопшти владејачката коалиција, Владата во никој случај не смее да се впушта во преговори со ЕУ доколку тие го засегаат македонскиот јазик, како и идентитетот, историјата и културата на македонскиот народ.