На средбата, како што информираат од владината прес-служба, било истакнато дека Владата ги промовира и практикува вредностите на демократијата, заштитата на човековите права, владеењето на правото и отвореното општество, истите вредности за кои се залага и Фондацијата „Отворено општество“
Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имале средба со Џорџ Сорос и неговиот син Александар Сорос од Фондацијата „Отворено општество“.

Средбата се одржала во Минхен каде што се одржува безбедносна конференција на која учествува и владина делегација од С Македонија предводена од премиерот Ковачевски.
На средбата, како што информираат од владината прес-служба, било истакнато дека Владата ги промовира и практикува вредностите на демократијата, заштитата на човековите права, владеењето на правото и отвореното општество, истите вредности за кои се залага и Фондацијата „Отворено општество“.
„Соговорниците истакнаа дека отвореноста на државата за развој на демократијата, владеење на правото се клучни за развој на економијата, за нови инвестиции од домашни и странски компании“,
се наведува во соопштението за средбата.
Ковачевски посочил дека Владата ќе продолжи да ги поддржува слободоумното граѓанство и критичката маса.
Премиерот во рамките на своето учество на Минхенската безбедносна конференција вчера имаше голем број средби, меѓу кои и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со германскиот канцелар Олаф Шолц, со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со доскорашната претседавачка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Македонскиот премиер беше дел и од тркалезната маса на посветена на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.