Во честитката по повод Денот на независноста, премиерот вели дека денес празникот се одбележува во напредна држава која е членка на НАТО и има реална перспектива за членство во ЕУ до 2030 година
Со повик дека е сега вистинско да се обезбеди животниот стандард и квалитетот на живот што сите го посакуваат, како и интеграција во ЕУ, премиерот Димитар Ковачевски го честита 8 Септември – Денот на независноста.
„Ако некогаш било вистинското време: да го обезбедиме животниот стандард што го посакуваме, квалитетот на живот што го заслужуваат нашите млади, да живееме во земја во којашто владее функционално право, во еколошки чиста, зелена средина, енергетски независна држава, со конкурентно земјоделство, со шанси за пристап до европскиот пазар од половина милијарда луѓе – тоа е денес. Интеграцијата во ЕУ за нас дома значи уште поголеми плати, нови работни места и поголем избор, повеќе современи градинки, училишта и болници, многу поголема државна поддршка за домашните претпријатија, уште повеќе странски инвестиции. Граѓаните денес сакаат да живеат во ваква, современа држава, којашто е дел од Европската Унија“,
вели премиерот.
Ковачевски нагласува дека денешниот 8 Септември го дочекуваме во напредна држава, членка на НАТО и со реални перспективи за членство во ЕУ до 2030 година.
32 години по прогласената независност на нашата Република, вели тој, 8 Септември денес бара слух од сите нас, за континуиран развој.
„Денешниот 8 Септември повикува на слободно одлучување како демократска должност, за подобар живот на сегашните и идните генерации. Со разумни и храбри одлуки нашата држава дојде до независност по мирен пат и притоа ја сочува унитарноста. Воведовме своја државна валута. Знаме. Химна. Станавме членка на Обединетите нации. Надминавме воен конфликт. Станавме членка на НАТО. Отпочнавме преговори со Европската Унија. Денес живееме во држава со осигурани територијални граници. Со признаен македонски јазик и македонски идентитет. Држава којашто е пример за почитување на човековите права, како успешна, мултиетничка и мултикултурна функционална демократија. Европа во мало“,
наведува Ковачевски во видеочеститката.