Премиерот Димтиар Ковачевски, во улога на домаќин нa денешната нова рунда преговори Белград–Приштина, го пречека косовскиот премиер Албин Курти во комплексот „Билјана“ во Охрид. Тие имале и билатерална средба на која Ковачевски му посакал добре дојде на Курти и успешни разговори, како важен чекор за консолидација на регионот и неговата европска интеграција, информира Владата.
„Премиерот Ковачевски уште еднаш ја реафирмира поддршката на Северна Македонија на евроатлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока. Ковачевски и Курти се согласија дека воените дејствија и раздори карактеристични за Балканот, треба еднаш засекогаш да станат минато, а регионот да се движи кон напредок, добрососедство и градење на силна економија која значи подобар стандард за сите граѓани“
се вели во владиното соопштение.
Охрид и Преспа се места за договори и затоа има симболика во тоа што средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, посредувана од Европската Унија, ќе се одржи таму, кажа косовскиот премиер Албин Курти во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Тоа, според Курти, било одлука на високиот претставник на ЕУ, Борел.
Според најавите, на состанокот на кој ќе посредува високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни