Премиерот образложи дека фокусот на Предлог-буџетот е во неколку столба, односно справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции, како и транспарентност и отчетност кои ќе се постигнат преку покажани резултати и имплементација на буџетот
Премиерот кажа дека со Предлог-буџетот за 2023 година се предвидуваат капитални инвестиции во повеќе сектори, кои, како што кажа, треба да го одржат стабилниот економски раст
Предлог-буџетот за 2023 година треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст, но треба да овозможи и полека но сигурно да растеме и да го подигнеме животниот стандард, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција на која заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими го презентираа буџетот за следната година.
Тој образложи дека фокусот на Предлог-буџетот е во неколку столба, односно справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции, како и транспарентност и отчетност кои ќе се постигнат преку покажани резултати и имплементација на буџетот.
„Владината поддршка за справување со кризата, секако ќе продолжи. Сите антикризни мерки за заштита на стандардот, дополнителната финансиска поддршка за најранливите, како и мерките за одржување на цените на основните прехранбени производи, обезбедувањето на пониска цена на електричната енергија во однос на пазарната за регулираните потрошувачи, ќе продолжат и во текот на целата идна година. Од вкупниот буџет за антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра“,
истакна премиерот.
Ковачевски наведе дека се обезбедени средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост итн.

Предвидено е, како што рече премиерот, да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната плата и трошоците на живот, соодветно на системското утврдено решение.
Дополнително, Ковачевски истакна дека е предвидено покачување на платите во образованието и зголемување на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година. Во однос на оваа година, премиерот кажа дека за пензионерите следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра или вкупно1,2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени.
„Во овој сегмент би сакал да ги споменам и трансферите кои се планирани до единиците на локална самоуправа. За 2023 година се планирани вкупно речиси 434 милиони евра во ДДВ и блок дотации кон општините во кои се планирани средства и за исплата на покачените плати на 40 000 просветни работници, кои годинава се покачија за 15 отсто. Владата дава сериозна поддршка како и секоја година до општините, а оваа година, планирани се и 57,5 милиони евра повеќе од 2022 за оваа намена“,
наведе премиерот и додаде дека според предлог-буџетот, за плати во јавната администрација следната година се планирани 570 милиони евра, а за здравствениот систем во план доаѓаат 685 милиони евра.
Според премиерот Ковачевски, стабилниот економски раст следната година ќе се обезбеди преку одржување на макроекономската стабилност и понатамошна фискална консолидација, како и преку капиталните инвестиции. Во таа насока, премиерот нагласи дека за 2023 година се проектирани 52,3 проценти повеќе капитални расходи во однос на 2022 година.
Премиерот кажа дека со Предлог-буџетот за следната година се предвидуваат капитални инвестиции во земјоделството, во енергетскиот сектор, инвестиции во секторот животна средина, во здравствениот, образовниот, секторот детска заштита како и инвестирањето во спортот и спортската инфраструктура.
„Капиталните инвестиции во буџетот за 2023 се проектирани на 800 милиони евра. Знам дека во јавноста постои недоверба во однос на реализацијата на овие капитални инвестиции, но она што можам тука да го посочам е дека ова е мојот прв предлог буџет како премиер, прв буџет врз кој имам контрола за имплементација, и Ве уверувам дека лично ќе се заложам да имаме максимална реализација. Во време на криза, овие капитални инвестиции ќе ни обезбедат подобра иднина и подобар животен стандард, а тоа е она за кое јас како премиер силно се залагам, потенцираше Ковачевски.
Премиерот нагласи дека, бидејќи годинава конечно по 17 години, ги отпочнавме преговорите за членство во ЕУ, во 2023 година Владата ќе обезбеди буџет кој ќе овозможи да продолжат реформите и трансформацијата на општеството и ќе ни ја подобри позицијата за преговори и отворањето на кластерите.