Илјадниците граѓани си заминаа од гробиштата како и што дојдоа – во тишина. „Кочани никогаш нема да биде исто“, се слуша по некој шепот во паркот во центарот на градот каде сега се собрани дел од граѓаните
Кочанчани се простија од своите млади сограѓани кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“. На градските гробишта во Кочани заврши погребната церемонија на која им беше оддадена последна почит.
Илјадници роднини, пријатели и други граѓани во молк присуствуваа на опелото кое го предводеше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение со свештеници на МПЦ-ОА.

Граѓаните беа многубројни, а тишината пресилна, повремено распарана од плачот и лелекот на роднините и пријателите на загинатите.
На погребната церемонија присуствуваа многубројни новинарски екипи од земјава и странство. Настанот го обезбедуваше полиција и редарска служба. Камерите беа поставени настрана за да се испочитува болката на граѓаните, како што предвидуваше протоколот.
Поворката со возила во кои беа посмртните останки тргна од центарот на градот. Ја предводеа млади луѓе кои во рацете држеа фотографии на дел од настраданите.

Како што и се собраа, граѓаните молкум и си заминаа. „Сите се знаеме, сите имаме по некој познат меѓу загинатите или повредените“, кратко и низ солзи ни рекоа луѓето со кои поразговаравме.
Дел од нив се во паркот во центарот на градот. Седнати по клупите, со тивок разговор или нем поглед. Некои од нив и натаму палат свеќи и се запишуваат во книгата на жалост. Тажно гледаат во фотографиите на загинатите што се поставени на платото. „Кочани никогаш нема да биде исто“, се слуша по некој шепот.