Аналитичарот Сашо Клековски во дебата за „360 Степени“ зборуваше за претстојните парламентарни избори и можните калкулации и коалиции по изборите.
„Мајскиот договор или принципот победник со победник не постои веќе, бидејќи ДУИ го прекрши во 2016 година. Мислам дека тоа е завршена работа, дека одлуката на победникот во 2016, ДУИ, да не направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ го напушти тој концепт. Мислам дека барањето на партнери од едната или другата страна ќе зависи од минимум принципи и од мнозинството на гласови како ќе се формира. Без разлика кој биде во улогата на носител на мандатот во барањето на коалициски партнери, сигурно ќе се води од бројките“,
вели Клековски.
Клековски вели дека потребата на македонските партии да коалицираат со партијата со најмногу гласови од албанскиот блок е природна за да можат да направат мнозинство.
Тој вели дека и бадентеровото мнозинство е завршена работа и дека е важно само да се направи мнозинство.
Во однос на ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон Договорот од Преспа, Клековски вели дека ставот веќе бил кажан на претседателските избори и дека истиот став ќе остане и сега, дека е реалност која мора да се прифати.
„Дали тие ќе бараат механизми за корекција, ревидирање, останува да се види понатаму. Мислам дека во ВМРО-ДПМНЕ на сите им е јасно дека со став против Преспанскиот договор ќе може да победат на избори ама не ќе може да владеат“,
вели Клековски.