Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новaта амбасадорка на САД, Кејт Мери Брнс. На церемонијата, Пендаровски изрази задоволство од нејзиното именување, како особено добар познавач на регионот.

„Дозволете, во оваа прилика, да изразам голема благодарност за континуираната и цврста поддршка што Соединетите Американски Држави и ја дават на нашата држава од самиот почетокот на нејзината независност. Таа поддршка, посебно изразена во доменот на остварувањето на стратешките цели – целосно интегрирање во Евроатлантските структури и организации – не е само доказ за цврстото пријателство, туку и суштествен поттик и охрабрување за успешно соочување со сите предизвици во денешниот свет на постојани промени“,
рече во своето обраќање претседателот Пендаровски..
Тој потенцира дека С.Македонија и САД се поврзувани и со заедничките заложби и решителност за чување на мирот, зајакнување на демократијата и почитувањето на човековите права.
„Стоиме заедно со САД и во борбата против тероризмот. Одлучни сме да продолжиме да дејствуваме во насока на натамошно промовирање на универзалните вредности што ги споделуваме“,
подвлече претседателот.
Пендаровски изрази уверување дека во периодот што претстои, ќе продолжи безрезервната поддршка на Соединетите Американски Држави за остварување на нашите евроатлантски аспирации, како највисок надворешно-политички приоритет и трајна стратегиска определба.

„Очекуваме наскоро да се заврши и процесот на ратификација на Пристапниот протокол, со што Република Северна Македонија ќе се придвижи чекор напред кон полноправно членство во НАТО алијансата. Тоа ќе претставува и дополнителна потврда на заложбите на Соединетите Американски Држави за стабилна, сигурна и просперитетна Северна Македонија“,
истакна Пендаровски.
Осмата амбасадорка на САД уверува дека Вашингтон ја очекува С. Македонија во НАТО
Амбасадорката Брнс заблагодарувајќи му се на претседателот Пендаровски рече дека и претставува особено задоволство да го започне мандатот во овој клучен период за односите меѓу С.Македонија и САД. Таа потенцира дека САД со нетрпение очекуваат, до крајот на годината, да и посакаат добредојде на С. Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата со што сојузништвото меѓу двете држави ќе стане посилно.

„Во очекување на овие случувања, ние продолжуваме да работиме врз основа на веќе изградените цврсти темели и на традицијата на партнерство. Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредувањето на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности – демократија, индивидуална слобода, и владеење на правото. Нашите две земји се посилни поради нашата соработка. Нашите војници служат рамо до рамо на бојното поле, исто како што нашите лидери работат заедно на унапредување на нашите цели за безбедна и просперитетна Северна Македонија и Европа. Нашите бизнис лидери работат заедно за да создадат работни места и да ги развијат нашите економии. Нашите професори и студенти соработуваат на иновативни истражувања, а нашите уметници разменуваат идеи и инспирација. “,
истакна амбасадорката Брнс.
Изразувајќи задоволство од назначувањето за амбасадор во С.Македонија, амбасадорката Брнс се обврза дека ќе промовира стабилност преку силни институции и дека ќе ги поддржува напорите на власта во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото. Таа потенцира дека ќе стори се да го унапреди просперитетот преку помошта и партнерството со приватниот сектор.
„Лично, се радувам што ќе ја искусам убавината и различностите на Северна Македонија и што ќе научам повеќе за вашата динамична култура, за традициите и за историјата на вашата земја. Ќе барам можности за споделување на културата на Соединетите Држави и за градење на мостови помеѓу граѓаните на двете земји“, рече новата амбасадорка на САД, Кејт Мери Брнс.