Ванковска, која гласаше на избирачко место во ОУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, потсетувајќи се дека токму во ова училиште првпат зачекорила кон училишните клупи, сега, како што рече, зачекорила да го даде гласот за себе

Кандидатката за претседател на државата поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска, откако го даде својот глас на изборите, во изјава за медиумите посака денот да заврши мирно, коректно и без нерегуларности.
Според неа, најважно е граѓаните да излезат на гласачките места, а за тоа каков избор ќе направат, Ванковска вели дека ќе се види вечерва.
Ванковска, која гласаше на избирачко место во ОУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, потсетувајќи се дека токму во ова училиште првпат зачекорила кон училишните клупи, сега, како што рече, зачекорила да го даде гласот за себе.
„Ќе видиме како граѓаните ќе ме проценат, овде учителките ме процениле одамна“,
рече Ванковска.
Објаснувајќи дека кога на универзитетите се гласа, оној што е подложен на избор излегува надвор од просторијата и не гласа за себе. Но, ова, како што рече Ванковска, е друг тип битка и е малку необична ситуација.
„Ова е малку необична ситуација затоа што ние на универзитет кога сме подложени на избор излегуваме надвор од просторијата и коректно е да не гласаме за себе. Меѓутоа, ова е друг тип битка, ова е политичка битка во која, всушност, со чинот на гласање ја изразувам сопствената убеденост во тоа што го говорам, во тоа што го понудив и се надевам дека голем број граѓани ќе го направат овој чекор да дојдат до гласачките места“,
рече Ванковска.