ВМРО-ДПМНЕ ги нападна по директорот, градоначалничката, но и Владата дека се одговорни за состојбите во ЈСП, додека СДСМ рече дека се случила катаклизма по само една година власт на Арсовска и партијата што ја поддржа
Градоначалничката, пак, најмногу обвинувања упати кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Мицкоски повторно нарекувајќи го шпицниот градоначалник кој е „замена за сите градоначалници“ и „оди на отворање чешми и тротоари. Исто така, го нападна и за случувањата на политичката сцена во државата велејќи дека тој е соучесник на сето она што се случува, како што била промената на името, но и како што ќе бидат уставните измени за вметнување на Бугарите и другите народи во преамбулата
До петок, Градот Скопје да достави до Советот одлука од каде да се распределат пари коишто ќе ги префрли на ЈСП и истата веднаш да биде изгласана од советниците. Исто така, да се изгласа заклучок со кој ќе се предложи Владата до петок да го исплати долгот кон ова претпријатие.
Ваква иницијатива од ВМРО-ДПМНЕ, како единствена точна на дневен ред се најде на денешната прва вонредна седница на овој состав на Советот на Град Скопје, а чија цел е, како што тврдат предлагачите, скопјани да не останат без јавен превоз бидејќи вработените најавија штрајк со оглед дека не им е исплатена септемвриската плата.
Меѓутоа, и по два часа дискусија, иницијативата сè уште не е изгласала, а на седницата се слушаат низа политички обвинувања, најмногу на релација ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска.
ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува директорот, градоначалничката и Владата за состојбите на ЈСП
Предлогот почна да го образложува советничката Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ која за состојбите во ЈСП ги обвини директорот, градоначалничката, но и Владата.
„За оваа ситуација во која се доведени граѓаните денеска на Град Скопје, одговорни се три чинители: менаџментот и директорот на ЈСП, Град Скопје и градоначалничката и секако Владата. Зошто го велам ова, ќе почнам по ред. Во оваа програма овде која ја нудевме на граѓаните им ветувавме нови кадри и нов начин на работа, чесен и достоинствен. Луѓето ни поверуваа и јасно на изборите покажаа зад кој застанаа и кој е победникот и каква локална власт очекуваат. Но, наместо тоа, што имаме ние денес во Град Скопје, нереализирана програма, кадри од ДУИ, кадри од СДСМ, разноразни луѓе коишто практично значат неменување на нештата од тоа што било претходно, луѓето сакаа промени, а промените не ги гледаат“,
рече Андоновска.
Таа на говорница покажуваше и фотографија од директорот на ЈСП, Александар Стојковски во штабот на СДСМ, обвинувајќи ја оваа партија за ситуацијата во која е претпријатието. Од Владата на СДСМ, пак, побара одговорност зашто според неа прави милионски суми за непродуктивни трошоци, наместо да им помогне на граѓаните.
„Замислете, Владата од први ноември до март потрошила само два милиони евра за непродуктивни расходи, услуги за мобилна телефонија околу 12 милиони, јавното претпријатие за станбено и деловен простор 4,7 милиони, 8,5 милиони евра треба да плати државата за раскинување на договорот со Клинички центар, 5 милиони евра дала Владата за изнајмување на возила и дала 1 милион за канализациска мрежа во Арачиново. Нека даде секаде ама нека даде и на Скопје, нека даде и на Карпош и на Ѓорче Петров, ама не дава и затоа ова Влада не може да се амнестира. Владата сака да бидат општините вака како Град Скопје неспособни, како што е таа неспособна. Ова време мора да заврши и ќе заврши“,
рече Андоновска.
Додека таа зборуваше, реагираше координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, барајќи да не се злоупотребува говорницата за политички говори и да се дискутира за иницијативата.
Слични обвинувања кон Арсовска и менаџментот на ЈСП упатија и други советници од редот на ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ ги нападна нивните советници и градоначалничката.
„Една година власт на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска и се случи катаклизма“
Советникот Гордан Шутаров рече дека ова е првпат во историјата Градот Скопје и граѓаните да останат без јавен превоз.
„Помина само една година власт на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска каде се случи и оваа катаклизма. За првпат се соочуваме со ваква ситуација, а најгневни од сите се граѓаните и со право. Само за потсетување во носењето на буџетот во делот на јавен локален превоз на патници беа предвидени, 350 милиони денари. На 30 јуни 2022 на 13 седница на Советот се изгласа ребалансот каде беа предвидени дополнитени 180 милиони денари за ЈСП односно ставката јавен локален превоз од 350 се зголеми на 530 милиони денари. Тоа е 8,6 милиони евра за ЈСП за денес граѓаните да не можат да ги користат услугите“,
рече Шутаров.
Според него, со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ ништо нема да се постигне при што, како една од причините нагласи дека е и тоа што нема никаков долг од Владата кон ЈСП за таа да се раздолжува.
„Во иницијативата се вели дека се препорачува до петок да го исплати долгот до Градот Скопје. Владата има нула денари долг кон ЈСП, дотолку повеќе што сите средства предвидени од буџетот се исплатени. Фер е кога се дискутира за вакви прашања да се пристапи максимално сериозни, а не со паушални обвинувања“,
рече советникот од СДСМ.
„Ми се чини дека тука има некоја симпатична коалиција“
По излагања на неколку советници, на говорница излезе и Арсовска која повторно настапи со атак кон ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски кого го нарекува „шпинциот градоначалник“. На барањето за оставки од раководството на ЈСП, таа возрасти дека советниците прво треба да побараат такво нешто од нивниот лидер.
„Ако се бараат оставки, треба да се побараат од Мицкоски, од шпицниот градоначалник. Знаете, оној што оди на отворање чешми, денеска гледам отишол пак во некоја од општините. Оној што е замена за сите градоначалници во Македонија, постојано што оди на отворање тротоари … Тој е шпицниот градоначалник, само тој добро си ја врши својата работа“,
рече градоначалничката.
Таа неколкупати го споменуваше Мицкоски во понатамошните нејзини реплики до советниците при што зборуваше и за политичката сцена во државата обвинувајќи го дека тој е соучесник на сите случувања во времето на владеењето на СДСМ, како што била промената на името, но и како што ќе бидат уставните измени за вметнување на Бугарите и другите народи во преамбулата.
„Имате над 200 000 верни следбеници и гласачи кои сега во овој момент еден шпицен градоначалник ги манипулира, соучесник е во сите работи што се случуваат на македонската политичка сцена, си седите на места, се фотографирате вие со претставници од власта на тајни средби, а не јас. Вие си изгласавте заедно промена на името, вие ќе ги изгласате и овие уставни измени. Директни соучесници се на сè што се случува во оваа држава“,
рече Арсовска.
Кога станува збор за ЈСП, во однос на владините долгови, наспроти тврдењата од советникот на СДСМ, Арсовска остана на ставот дека централната власт му должи на ЈСП, но и ги крати парите наменети за претпријатието. На советниците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, „им се заблагодари“ што конечно се загрижиле, а и ги потсети дека тие го имаат мнозинството во Советот.
„Претходните години исплаќале 360 милиони денари, па ги скратиле на 120 милиони денари кои во овој момент по одлука од 2021 година не се исплаќаат, а сега не се предвидуваат воопшто. И тоа е во ред. Ние ќе најдеме начин како сето ова ќе се санира. Ви благодарам што за првпат се загриживте откако немате член на вашата политичка партија да е директор, затоа што минатата седница јас како што видов вие не гласавте за иницијативата ова јавно претпријатие да има дополнителни приходи. Притоа, не видов тука, сте испратиле покана до синдикатите, да испратите покана и до вашите градоначалници да дојдат да кажат зошто должат толку пари на Градот Скопје по основ на испорака на услугата и би било добро да барате одговорност од сите. Понекогаш да се свртите и кон себе си. Мене ми се чини дека тука има некоја друга коалиција, но ќе ја оставам таа за некое друго обраќање затоа што навистина е симпатична“,
рече Арсовска.
Зборувајќи за приходите на ЈСП, и таа како и советничката Андоновска извади фотографија на говорница на која се гледа Игор Јанушев, кој е поранешен директор на ова претпријатие велејќи дека тој има голема одговорност со договор што го потпишал за реклами.
„Кога сакаме да зборуваме за криминалот, имам и јас една слика, тука е фин господин поранешен директор на ЈСП, висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ кој си потпишал еден договор да ни ги брендираат сите автобуси на ЈСП во Градот Скопје и на градот ќе му плаќаат фасцинантни седум илјади денари од фирмата ’Маратон‘. Тука на сликата ќе го видите и сопственикот на таа компанија и уште матна личност во средина како седи. За тие седум илјади денари кои ги исплаќаат на ЈСП, тие си инкасираат по 2 000 евра од автобус или отприлика ЈСП од ваквите штетни договори потпишувани на десетина и повеќе години губи милиони и милиони евра. Директно сте одговорни за загубите на ова претпријатие, директно сте одговори за тоа што ова претпријатие се наоѓа во ваква состојба. Ако сакате да лажете, лажете на друго место“,
рече Арсовска.
Во продолжението на седницата можеа да се слушнат уште неколку меѓусебни обвинувања помеѓу градоначалничката и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Седницата на градското собрание е во тек.