Министерката за одбрана Радмила Шекеринска информираше дека касарната „Пепелиште“ на Криволак е подготвена за прифатен пункт во кој ќе бидат сместени околу 200 граѓани кои се враќаат дома од држави со висок ризик за коронавирусот.
„На Криволак, во касарната Пепелиште, каде ќе биде првиот прифатен пункт за нашите граѓани кои се враќаат од држави со висок ризик, во групна изолација“,
објави министерката Шекеринска.
Владата на денешната 21 седница донесе одлука групата наши државјани, кои организирано со конвој од автобуси пристигнуваат од Република Италија на граничниот премин Деве Баир, да бидат сместени во капацитетите на Криволак.
Владата, исто така, ја задолжи Армијата да го огради периметарот на овој капацитет на Криволак и да го обезбедува просторот во кои овие лица ќе бидат сместени, со цел лицата да не може да го напуштат.
Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција информираше дека десетина граѓани, од тие што треба да бидат во изолација во оваа касарна, се веќе пристигнати и сместени.
„Во текот на вечерта очекуваме да пристигнат и другите“,
додаде тој.