Првата пратка со 450 тони линдан спакуван во буриња е подготвена за извоз во Франција, каде што токсичниот отпад ќе биде уништен. Но, тоа е само едно делче од илјадниците тони остатоци од производството на линдан депонирани во дворот на некогашниот хемиски гигант ОХИС, кои ја контаминирале и земјата. Проверивме како се одвива чистењето на т.н. мала депонија, а прашавме и каков е планот за целосно отстранување на депониите, кои се сметаат за најжешка еколошка точка во Македонија
Освен во дворот на ОХИС, постојат документирани траги за токсична депонија и во месноста Пеленица над Драчево. По жестоките реакции во јавноста, Министерството за животна средина го огради просторот, но денес оградата е дел уништена – дел украдена. Од Државниот инспекторат за животна средина алармирале дека над потенцијалната еколошка бомба околното население го пушта добитокот да пасе. Погледнете го видеото
На пазарот во скопско Драчево сè поретки се прашањата од каде е зеленчукот што е изложен за продажба. Трговците се надеваат дека ќе дочекаат живот и работа во почиста средина, откако започна чистењето на депониите со линдан во кругот на фабриката ОХИС.
„Фала богу што почнаа, веќе редно беше еден ден да се почне да се чисти и народот полека е задоволен од таа работа. Миризбата уште се осеќа како што се осеќаше, ама народот почна да пазарува на пазарот. Зеленчукот, ова-она почна да се троши, инаку едно време беше застанато сегде“,
ни раскажа трговецот Слободан Митревски.

Грижите на трговците се оправдани оти на околу 5 километри од овде се наоѓа најжешката еколошка точка во Македонија – две депонии со илјадници тони токсичен отпад од некогашниот хемиски гигант ОХИС.

Под шаторот е малата депонија која веќе се чисти. Се влегува по контролирана патека и со специјална заштитна опрема.

Предупредувањето што го добивме на влезот говори за опасноста која демне внатре.
„Ако почувствувате дека внатре не можете да дишете, дека ве фаќа паника или слично, ве молам, дигнете ја раката и ќе излеземе заедно надвор“,
кажа на влезот во малата депонија Константинос Прекас од фирмата изведувач – „Полиеко“.
Преку два контејнера и по мало пешачење, се стигнува до црвената зона.

Внатре е воспоставен негативен притисок со што се спречува загадување на околината. Овде, пред неколку децении, отпадот од линдан се истурал рачно во огромни бетонски корита и без никаква заштитна опрема.

Ова е еден од петте базени со токсичен отпад во малата депонија во ОХИС. Светло кафеавата паста се всушност остатоци од линданот, кој независно од земјата, се селектира, се пакува и се транспортира на спалување во странство.
Линданот во буриња ќе замине на уништување во Франција. Ридовите земја, пак, се со различен степен на контаминираност и тие, во специјални контејнери, ќе заминат за Холандија. По тамошниот третман, земјата ќе стане интертна и би можела да се користи во градежништвото. Но, освен линдан, анализите покажале и присуство на жива во почвата, која не би можела да се деконтаминира ако станува збор за високи концентрации.
„Сите тие слоеви на површинска почва, на потпочва се анализираат со рачен анализатор, којшто ги мери присуството на елементите во почвата и врз основа на стратегија за ископување, одредени концентрации со хлор и со жива се складираат одвоено“,
вели Александар Мицковски од Канцеларијата за неразградливи органски загaдувачи при МЖСПП.
По целосно чистење на петте базени во малата депонија, бетонските корита ќе се искршат и ќе се анализира до каде подземно продрел отпадот. Оваа токсична бомба е резултат на некогашното производство на пестициди во ОХИС, за што сведочеа вработени пред камерата на „360 степени“ пред четири години.
„Секоја смена по десетина колички зависи производството како одело и така тоа се збираше. Тоа се се фрлаше тука. Кога запре погонот, и се покри со земја, после така остана“,
сведочеше Кирил Трпковски, поранешен вработен во ОХИС.
„Самиот производ и нус производите многу смрдеа, дури и сите алишта и работниците со денови не можеа да се изветреат од толку голема смрдеа и мораше обавезно да се бањаат на секое влегување и излегување во погон, а линданот одеше како алва, се продаваше. Самиот линдан, целото производство не остануваше ниту грам, толку баран што беше производот, одеше во Западна Европа, дури во Русија одеше, молеа, толку што беше баран“,
ни раскажа во 2018 и Перо Нане, поранешен хемиски инженер во погонот „Линдан“ во ОХИС.
Линданот одел како „алва“ оти многу подоцна е откриено дека е токсична супстанција. А, при производство на еден тон линдан, се создавало десетпати повеќе отпад, кој се покривал само со земја, која не претставува никаква заштита, напротив.

Таа се контаминирала од отровите и така се создала уште поголема токсична маса која со децении е оставена на отворено. Со текот на времето, бетонските базени распукале, па со линдан се контаминирале и подземните води.
Проценките се дека во малата депонија има вкупно околу 6 600 тони отпад, додека соседната, голема депонија „тежи“ вкупно околу 53 илјади тони отпад – линдан и контаминирани почва и бетон.
Постапката за чистење се изразува во милиони евра. За големата депонија пари сè уште нема.
„Во разговор сме со меѓународните донатори, ние и самите мораме да најдеме средства од буџетот, тоа е предвидено во следните години и сакаме нормално да продолжиме со чистење на таа жешка точка во Скопје“,
вели министерот за животна средина, Насер Нуредини.
Отпадот од малата депонија го отстранува грчката компанија „Полиеко“, која во рамки на проектот за чистење подлежи на надворешен надзор. Но, како државата ги контролира овие активности? Сретен Стојковски е поранешен вработен во ОХИС и, во сплет на политички околности, актуелен директор на Државниот инспекторат за животна средина. Човекот кој јавно алармираше за опасното наследство сега е надлежен да го контролира. Стојковски е дециден дека малата депонија се чисти во изолирани услови и дека нема загадување на животната средина. Но, проблем е големата депонија, од каде понекогаш се регистрира аерозагадување, особено кога е потопло, а оттаму е и миризбата што ја чувствуваат граѓаните.
„Имаме само надминување на алфа изомерот, овие другите изомери се во рамки на дозволените лимити дадени од претходните искуства во државите каде што се вршело расчистување на вакви локации со линдан.
360 °: А што во таков случај, што може да се преземе или оставени сме…?
Па, тоа е тоа. Додека не се расчистат за очекување е дека ќе има емисии. Тие не се од денеска, туку од ‘75 навака.
360°: Може ли барем да се покрие големата депонија?
Таа е покриена, на нејзе има глина, почва, и има фолија претходно ставено. Најверојатно дел од фолијата е распадната“,
вели Стојковски.

Освен илјадниците тони отпад во дворот на ОХИС, „360 степени“ пред четири години објави документирани траги за токсична депонија и во месноста Пеленица над Драчево.

На прашањето кога ќе дојде на дневен ред нејзино детално истражување, ресорниот министер вели дека се прави листа на жешки еколошки точки во земјава.
„360°: Дали во тие жешки точки е и Пеленица, каде што има индиции дека линдан и таму е закопан?
Тоа ќе ве информираат експертите кога ќе ги направат тие планови, но мислам дека да. Сега, неофицијално, бидејќи јас не можам да кажам, јас не сум експерт за жешки точки, но имаме експерти во Министерството кои ќе ги потврдуваат тие локации“,
вели министерот Нуредини.

Бевме повторно и на Пеленица, каде потенцијалната депонија пред извесен период беше оградена како потенцијално ризична зона. Сега дел од оградата е оштетена, а дел украдена. Инспекторатот алармирал во Министерството за животна средина и дека над потенцијалната еколошка бомба околното население го пушта добитокот да пасе.
„Тие и претходно имаа распишано тендер за истата локација за оградување, би требало да постапат по нашата забелешка и да ја вратат во првобитна состојба, бидејќи се доведува во опасност здравјето на луѓето и животните во тој дел“,
вели Стојковски од ДИЖС.
Од ресорното министерство велат дека повторно ќе го оградат местото, но апелираат и граѓаните да бидат внимателни.

Освен линданот, некогашниот хемиски гигант во старите хангари крие и други супстанции, кои останале од производството на пестициди, киселини, детергенти, ПВЦ-пластика, бои и лакови. Дел од нив, како на пример, винил хлоридот безбедно заврши на спалување во Германија.

Но, распаднатите погони се контаминирани и со жива за која допрва ќе се бара чаре. Овде засега малата депонија е најзаштитена зона, а внатре по секој час работа или посета како нашата, за работниците има задолжителна пауза.

Допрва ќе се одгатнува мистеријата колкава површина ќе подлежи на ремедијација, според Генералниот урбанистички план за Скопје, локацијата е наменета исклучиво за лесна и незагадувачка индустрија, што значи згради за домување не смее да има. Без разлика на плановите, соседството има само една желба – целосно чистење на отровниот отпад што е можно побрзо.
„Да се ангажираат и да вложат некој денар. Да се исчисти тоа, зашто народот страда“,
порача трговецот Митревски од пазарот во Драчево.
