На работ на Пелагонија и на границата со ЕУ, во Општина Новаци во првиот круг од претседателските избори на гласање излегоа дури 74,06% од запишаните избирачи. Што е причината за толкав број граѓани да излезат на гласање – погледнете во видеорепортажата во продолжение
Ова е општина Новаци – прва асоцијација за РЕК Битола, дом на најголемата житница Пелагонија и една од најраспространетите општини во државава по територија. Иако има само 2 648 жители, мината недела постави нов рекорд.
Според избирачкиот список, во општина Новаци се запишани 2 498 гласачи. Повеќето од нив, или околу 74 отсто, мината седмица одлучиле да излезат и да гласаат, со што Новаци стана општина со најголема излезеност во првиот круг од претседателските избори, од цела држава.
Низ бројки, во општината има 150 резиденти повеќе отколку гласачи. Односно, на пописот во 2021 година се пребројани 2 648 резиденти. Од нив, околу 2 150 се полнолетни, а на изборите гласале 1 850.

Сепак, низ Новаци повеќе „врват“ камионите на РЕК отколку луѓе. Toа му пречи на 19-годишниот Филип Стојановски кој не може спокојно да го вози квадрициклот.
„За мене е ок, само сообраќајот што ми смета.
360: Иднината каде ја замислувате?
Надвор од овдека.
360: Епа, ако велите дека е ок тука, зошто надвор?
Што знам, ќе се пробам надвор од Македонија.
360: Гласавте на избори?
Гласам лично, не од што сакам, од што морам е тоа и за тоа нејќам многу да коментирам бидејќи не ме интересира тоа.
360: Зошто морате? Има притисоци?
Има некои притисоци, ама нема веза.
360: Партиски, за вработување?
За вработување. И така“,
вели тој.

Жителите на Новаци сакаат да приседнат во локалните продавнички и кафеанчиња, но пред камера тешко кој зборува. Затоа тргнавме во обиколка на другите села во општината.
Ако се земат предвид бројките од Државната изборна комисија, највисока излезеност на ниво на општината имало во селото Долно Агларци – над 85 отсто. Во топ три се и Далбеговци и Добромири, со 84,17 и 83,59 отсто.

На гласање излегле најмногу, но во обичен ден во селото Долно Агларци, тешко е да се најде човек. Овде нема ни училиште, па се гласало во поранешна продавничка.
„Еве сега гледате нема ништо, празно е, зграда на Општина Новаци. Гласачко место на село Долно Агларци 159. Еве го параванот, тоа. Овде беше кутијата ставена, параванот беше овде ставен, комисијата таму и беше се во ред. Немаше никакви забелешки овде“,
вели Вецко Марковски, жител на село Долно Агларци.

Продавничката е затворена со години, па жителите на Долно Агларци по намирници мора да одат во другите села или во Битола.
„360: Важно гласачко место имате.
Имаме 159.
360: И најголема излезеност токму овде.
Па, треба цела Македонија така да излезе.
360: И што мислите, зошто луѓето излегуваа да гласаат?
Затоа што бевме испод дното, мислам дека Македонија ја изгубивме. Народот го искажа незадоволството.
360: Во ред, ама и за другите кандидати има гласови.
Ако, гласа, нормално не може сите да се незадоволни. Ќе има и такви и такви. Во ова село јас сум тој што пропагирам за партијата што ја застапувам, врз никого, на слободна волја и му реков, немојте да одите, да им досадувате на луѓето, да ги одвратите од гласање“,
вели Марковски.

Пред избирачкото место истакнат е и записникот од гласањето. И овдешните гласачи мнозински одлучиле да ја поддржат Гордана Силјановска-Давкова.

Во селото живеат само Македонци, но по еден глас добиле и Бујар Османи и Арбен Таравари.
Вo првиот круг гласал и пензионерот Веселин Крстевски.
„360: Што ве мотивираше да излезете?
Подобро да биди во животот, младежот да се задржи, да не ни бега.
360: Вие од што живеете?
Сега сум пензионер, иначе земјоделец.
360: Имаше притисоци да се гласа, да се излезе?
Кај мене немаше, за другите не знам“,
вели тој.

Работоспособното население во доминантен број работи во РЕК Битола. Рано се пензионираат, па можат да се посветат и на земјоделство. Нивите во околината веќе се подготвуваат за сеидба на тутун.
„Мотивација кај младите и кај постарите со овие што го направија ова, со промена на име, со несигурни плати, друго што да кажиме и децата си го бараат спасот надвор од државата. Излезеноста е тоа, има некој револт меѓу жителите на оваа општина. Тоа е.
360: А, што очекувате за промена?
Да биде подобро“,
вели Бранко Крстевски од с. Добромири, кој е пензионер и земјоделец.

„Македонија подлежи на РЕК, сите приходи што можи да ги оствари се оттука, а ние останавме најслаби да бидеме тука, ме разбираш“,
додава земјоделецот Цане Петревски од Добромири.

„Најубо е никој да не победи, сите да направат една влада што знае паметно да води. Да нема партии повеќе, една да биде за Македонија и крај. Не треба партии, да се дели народот не е убаво. Мое мислење, а кој како сака нека прави“,
смета пензионерот Слободан Каранфиловски од с. Добромири.

Ако иселувањето не запре, просечната возраст на населението во општината ќе порасне значително. Ова го загрижува и градоначалникот кој вели дека презема мерки преку финансиска помош за бруцоши, првачиња и новороденчиња, како и други мерки.
„Младите, работоспособните луѓе, ја напуштаат општината што е за жал голем проблем на којшто секојдневно посветуваме вниманиe, за да направиме максимални напори за подобрување на квалитетот на животот, да им дадеме услови на младите“,
вели градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.

Евентуалните притисоци, според градоначалникот, би можеле да се доведат во врска со тоа што повеќето луѓе работат во РЕК Битола.
„Можеби, секако можеби,примораноста и притисокот што го добиваа луѓето од структури коишто работат во комбинатот да, од една страна, од друга страна, револтот го искажаа на гласачкото место, а секако причина повеќе беше тоа што и теренот беше добро обработен од нас како политичка партија односно од ВМРО-ДПМНЕ, поточно ние допревме до сите наши жители,“
вели Стевановски.
А, од РЕК Битола, велат дека притисоци нема.
„Правото на глас е загарантирано со Устав и волја на секој граѓанин е дали ќе го искористи или не. Во РЕК Битола единственото нешто што се бара од вработените е да ги извршуваат своите работни задачи“,
велат од компанијата.

Во првиот круг, мнозинството гласови на ниво на општина Новаци ги доби кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова – 1 146. Втор е Стево Пендаровски со 497, па Максим Димитриевски со 111 гласа. Зад Билјана Ванковска застанале 36 гласачи, Бујар Османи добил 8, а Арбен Таравари два гласа. За Стевчо Јакимовски овде никој не одлучил да гласа.