Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и официјално се бара со меѓународна потерница, откако согласност до МВР доставија и од Основниот кривичен суд во Скопје.
За разлика од денес, кога нема никаква трага од обвинетиот Мијалков, тој пред две години во судница зборуваше дека бегањето не било негов стил на живеење.
„Стилот на моето живеење не е бегањето односно сакам да кажам, јас никогаш нема да избегам. Доколку оваа пресуда ја потврди и Апелацискиот суд, тоа ќе го решам со одлежување на казната. Никако со бегање“,
рече Мијалков на 8 март 2019.
Тогаш, тој ја слушна првостепената пресуда во предметот „Титаник 2“, каде што доби тригодишна затворска казна, а обвинителката Фатиме Фетаи веднаш побара судот да му изрече мерка притвор.
Судечкиот совет тогаш му додели притвор, а по дваесетина дена Апелација му ја уважи жалбата и го пушти во куќен притвор со решение дека таа мерка може да трае максимум 60 дена, бидејќи во тој предмет беше обвинет за полесно дело. Меѓутоа, затворската казна доделена од првостепениот суд во „Титаник 2“ не се изврши бидејќи Апелација го врати предметот на повторно судење.
Сега, бегството на Мијалков се случува во пресрет на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ закажано за 26 февруари, каде што тој е обвинет за три кривични дела: за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.
Хронологија на настаните:
18 јануари 2021 – Мијалков побара да одговара за друго дело
Кога даваше одбрана за масовното прислушување и за уништувањето на опремата од УБК, Мијалков ги отфрли сите теории дека е вмешан во незаконското следење, а ако имало пропусти во работата на Управата тогаш, рече, за него како директор би требало да има друга квалификација во обвинението – несовесно работење во службата.
16 февруари 2021 – Обвинителството побара максимални затворски казни
Обвинителката Ленче Ристоска, која го застапува обвинението, во своите завршни зборови не направи преквалификација за ниту еден обвинет, а Мијалков го посочи како еден од тројцата создавачи на групата која го вршела прислушувањето и затоа побара да му се изрече максимална затворска казна.
19 февруари 2021 – Мијалков не даде завршни зборови
Три дена подоцна, и одбраната го искористи своето право на завршни зборови, но ексшефот на УБК тогаш не зборуваше ништо, освен што кратко кажа дека останува на тоа што го кажале неговите адвокати
20 февруари 2021, 23 часот – први индиции за бегството
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги добило првите индиции дека се подготвува бегство.
21 февруари 2021, 12 часот – известување до судот и до МВР
Според информациите од обвинителството, во неделата наутро обвинителите го изготвиле предлогот за определување мерка притвор и во 12 часот ги известиле Основниот кривичен суд и МВР за да се обезбедат услови за прием на предлогот и во 14:30 се упатиле кон судот.
21 февруари 2021, 14 часот – Мијалков во „Дистрикт“
Вчера, околу 14 часот, Сашо Мијалков, според сознанијата на „360 степени“, бил во кафе барот „Дистрикт“ кај хотелот „Мериот“, каде што бил во друштво со ексградоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски.
21 февруари 2021, 15 часот – барање за притвор
Според официјалните информации објавени од судот, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во 15 часот доставило до Основниот кривичен суд барање за одредување мерка притвор поради сомневање за бегство. Таму одлучувал кривичен совет, кој наместо притвор одредил мерка куќен притвор со 24-часовен надзор и видео и електронски надзор.
21 февруари 2021, 18:30 часот – испраќање до МВР
По три и пол часа, откако обвинителството побарало, а судот одлучил, решението за куќен притвор било испратено до МВР.
21 февруари 2021, 21:20 часот – први информации за бегството
Откако полицијата не можела да го пронајде Мијалков, обвинителството во 21:20 часот добило информација дека не може да му се врачи решението, а во 21:47 им било потврдено дека обвинетиот не е пронајден.
22 февруари 2021, 12:54 – меѓународна потерница
Откако беше распишана национална потерница, Основниот кривичен суд во Скопје, неколку минути пред 13:00 часот, соопшти дека дал согласност по Мијалков да се распише и меѓународна потерница.