Изминаа точно десет дена откако во Дебар и Центар Жупа право на влез и на излез имаат само неколку типа возила. Тоа се полицијата, итната помош и камионите кои испорачуваат храна и лекови за жителите на двете општини во карантин.
„360 степени“ помина еден ден на полицискиот пункт кон Маврово – местото каде што се контролира што влегува и што излегува од Дебар и Центар Жупа.

Најголема е раздвиженоста наутро. Тогаш, еден по еден, се собираат камиони, комбиња и други возила за достава. Планот на хартија функционира и на дело, доставата е можна почнувајќи од 8 часот.
За да дојдат до полицискиот пункт, кој е на 10 километри пред Дебар, доставувачите веќе поминале низ одредени контроли. Обврска е прво да се пријават во Регионалниот центар за управување со кризи во Дебар. Дури потоа може да очекуваат дека полициските службеници ќе им дозволат влез кон Дебар.
Додека чекаат да се создаде мини-конвој, на некои возачи не им е сеедно што влегуваат во регионот.
„Да моментално, да првпат“.
– Дали се плашите од вакви ситуации?
„Малку треба, но не е баш така да се плашиш, треба да се работи“.
– Мислите дека се ќе тече нормално?
Па, се надевам.
Други, пак, немаа целосно разбирање за состојбата.
„Да, првпат влегуваме во карантин-зона и не знам што се случува, ова со народот“.
– Дали се плашите дека влегувате во едно од жариштата?
„Влегуваме, но зошто да се плашиме, војна нема, ова е некој обичен грип и тоа е тоа“.
– Дали мислиш дека се преземени сите мерки тука?
„Па, мислам дека да.“
По контролата на првиот, возилата за достава застануваат и на уште еден полициски пункт.

Потоа, уште едно застанување за општа дезинфекција на возилата.
Од другата страна ги пречекува локалната полиција од Дебар. Под контрола на МВР сите возила се упатуваат до нивните договорени дестинации. На возачите нема да им биде дозволено да ги напуштаат возилата. Истоварот ќе го прават други работници.

Како што доставувачите нема да бидат во контакт со локалното население, така и полицајците на пунктовите се обидуваат да не бидат во контакт со доставувачите или кој било што поминува на пунктовите. Додека го подготвуваат следниот конвој, најголемиот дел од полициските службеници се со маски и ракавици. За нив има посебна чешма и посебни тоалети.
Од пладне па натаму се зголемува сообраќајот во обратната насока, од Дебар кон Маврово. Празните камиони и комбиња, со полициска придружба, се враќаат на контролниот пункт.
Процесот сега тече наопаку. Прво има дезинфекција, а потоа сè останато.
Утре пак.