Индиските власти наведуваат дека нивните акции биле прецизни, одмерени и без намера да доведат до ескалација и дека ниту еден пакистански воен објект не бил цел на нападите
Според првичните информации што ги објави портпаролот на пакистанската војска, најмалку три лица се убиени, а 12 се повредени во индиските ракетни напади на територија контролирана од Пакистан
Индиската армија вечерва објави дека нападнала девет цели во Пакистан и пакистанскиот дел од Кашмир, јавуваат светските медиуми.

Во соопштението што го објавија индиските вооружени сили се наведува дека нападите се дел од акција под името „Операција Синдор“ насочена против, како што се наведува, терористичката инфраструктура во Пакистан.
Пакистанската војска ги потврди нападите, наведувајќи дека се погодени три локации, пренесува „Гардијан“. Во меѓувреме има информации и за жртви и повредени лица.
„Пред малку, индиските вооружени сили ја започнаа ‘Операцијата Синдор’, погодувајќи ја терористичката инфраструктура во Пакистан и окупираните од Пакистан Џаму и Кашмир, од каде што се планирани терористички напади насочени врз Индија“,
се наведува во соопштението на индиската војска.
Цел на нападите, како што се додава, биле девет локации.
Индиските власти наведуваат дека нивните акции биле прецизни, одмерени и без намера да доведат до ескалација и дека ниту еден пакистански воен објект не бил цел на нападите.
„Индија покажа значителна воздржаност во изборот на цели и методот на извршување (на нападите)“,
се додава во соопштението.
Во него, исто така, се вели дека акцијата доаѓа по „варварскиот“ напад во кој десетици Индијци биле убиени во областа Пахалгам во Кашмир.
Според првичните информации што ги објави портпаролот на пакистанската војска, најмалку три лица се убиени, а 12 се повредени во индиските ракетни напади на територија контролирана од Пакистан.
Портпаролот изјави дека воздухопловните сили на Пакистан брзо реагирале на ракетниот напад. Според него, биле активирани системите за противвоздушна одбрана и е спречено индиски авиони да навлезат во пакистанскиот воздушен простор.
⚡️BREAKING
— Warfare Analysis (@warfareanalysis) May 6, 2025
India strikes multiple Pakistani sites in Jammu & Kashmir. pic.twitter.com/htR8jM1Y2p
Пакистанската телевизија Ари њуз (ARY News), цитирајќи го генерал-потполковник Ахмед Шариф Чаудри, објави дека Индија истрелала ракети од својот воздушен простор кои ги погодиле областите Котли, Музафарабад и Бахавалпур.
„Да кажам недвосмилено, Пакистан на ова ќе одговори во време и на место што самиот ќе го избере. Оваа гнасна провокација нема да остане без одговор“,
рекол тој.
Новинаската агенција Ројтерс објави дека повеќе силни експлозии се слушнале во планините околу градот Музафарабад, главниот град на пакистански Кашмир, како и на две други места во регионот.
По експлозиите, електричната енергија во Музафарабад била прекината, изјавиле сведоци на кои се повикува агенцијата.
BREAKING: The first clear footage of India bombing Pakistan. pic.twitter.com/OGglvTsJ3f
— Clash Report (@clashreport) May 6, 2025
Во меѓувреме се огласи и премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, кој изјави дека Индија извршила кукавички напади врз пет локации на територија контролирана од Пакистан.
„Пакистан има целосно право енергично да одговори на овој воен чин наметнат од Индија“,
изјави тој.
Во објавата на платформата Икс, Шариф порача дека целата нација стои зад вооружените сили на Пакистан.

Пакистанскиот цивилен авиопревозник „Пакистан интернешнл ерлајнс“ (ПИА) соопшти дека сите домашни и меѓународни летови се одложени, а сите дојдовни и појдовни летови се пренасочени кон Карачи.
Властите им советувале на патниците да не доаѓаат на аеродромот и да се вратат дома.
Односите меѓу Индија и Пакистан се затегнати по смртоносниот напад на милитанти врз туристи во Кашмир минатиот месец.
Индија го обвинува Пакистан за поддршка на прекуграничниот тероризам, што Исламабад го негира.
На 22 април, исламистички милитанти отворија оган врз туристи на индиската територија Џаму и Кашмир, при што загинаа најмалку 26 лица, а 17 беа повредени.
И Индија, каде што мнозинството жители се Хиндуси, и исламски Пакистан имаат право на целиот Кашмир, при што секоја земја контролира само дел од планинскиот регион.