Министерот кој беше разрешен се спротивстави на најавената реформа на правосудството оценувајќи дека е опасност за земјата, а премиерот, пак, смета дека планот за промени во овој сектор ќе ја унапреди демократијата
Илјадници Израелци вчера излегоа на улиците во знак на протест против одлуката на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го смени министерот за одбрана Јоав Галант, кој, пак, ја повика Владата да го запре носењето на спорниот план за реформа во правосудството.
На видеата што се појавија од протестот може да се види дека илјадници граѓани го блокираат главниот автопат во Тел Авив, како и дека на средина на автопатот бил запален оган.
Разрешувањето на Галант, кое ги поттикна протестите, дојде откако тој во саботата ја повика Владата да го спречи законот за реформи во правосудството со оценка дека тие ќе претставуваат опасност за земјата.
Реформата ја предложи министерот за правда Јарив Левин и доколку се донесе ќе претставува најрадикалната промена во правосудниот систем во Израел бидејќи ќе ги ограничи овластувањата на Врховниот суд, ќе ѝ овозможи на Владата да избира судии и ќе го укине именувањето правни советници во министерствата од страна на државниот обвинител.
Нетанјаху, кому му се суди за корупција, е убеден дека неговиот план за реформи на правосудството ќе ја унапреди демократијата.
Синоќешните протести поради разрешувањето на Галант беа само продолжение на демонстрациите од изминатите месеци против најавените реформи.
JUST IN – Massive protest in Israel after PM Netanyahu fired defense minister who opposed judicial overhaul pic.twitter.com/q0Vdcm4U0m
— Insider Paper (@TheInsiderPaper) March 26, 2023