Со хеликоптерот Бел-212 при гасењето беа исфрлени 23 тони вода во повеќе од 30 налети, со што беше спречено пожарот да се прошири и да го зафати селото, велат од МВР
На барање на Центарот за управување со кризи, денеска во гасење на пожарот над прилепско Кошино бил вклучен и хеликоптер „Бел-212“, на Министерството за внатрешни работи, соопштија оттаму.
Се гаснел пожар на сува трева и нискостеблеста вегетација над село Кошино, општина Долнени, Прилепско.
„Полицискиот хеликоптер дејствуваше координирано со пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и ‘ертрактори’ на ДЗС, при што се локализирани неколку краци од пожарот кои се наближуваа до две села во општина Долнени. Со хеликоптерот Бел-212 при гасењето беа исфрлени 23 тони вода во повеќе од 30 налети, со што беше спречено пожарот да се прошири и да го зафати селото“,
соопшти МВР.
Претходно, Центарот за управување со кризи соопшти дека нема опасност по манастирот и селото Зрзе, ниту по селото Кошино во чија близина попладнево избувнаа пожари.
Oттаму информираа дека двата „ертрактори“ на ДЗС и хеликоптерот на МВР помогнале да бидат ставени под контрола краците кои ги загрозуваа двете села во општината Долнени, но останатите краци сè уште се разгорени.