На пленарната седница, на која на дневен ред беа проблемите на граѓаните, уште повеќе се актуализираа проблемите на парламентарните партии, при што опозицијата и натаму го обвинува мнозинството дека ѝ го одзема правото на парламентарна истрага
Албанската опозиција ја блокираше работата на парламентот на пленарната седница со поставување димни бомби. Ова е втор пат претставници на албанската Демократска партија да поставуваат димни бомби во парламентот, откако пред две недели на ист начин ја блокираа расправата за буџетот.
На пленарната седница, на која на дневен ред беа проблемите на граѓаните, уште повеќе се актуализираа проблемите на парламентарните партии, при што опозицијата и натаму го обвинува мнозинството дека ѝ го одзема правото на парламентарна истрага. Републиканската гарда презеде неколку мерки за да ги спречи пратениците да внесат запаливи предмети во собраниската сала, детално проверувајќи ги пратениците.
Контролата на обезбедувањето успеала да ги спречи пратениците да внесат добар дел од димните бомби, пренесува албанскиот Си-ен-ен, но демократите сепак успеале да запалат четири од нив во салата. Социјалистите се обидоа да ја покажат својата решителност да продолжат со разговорите без разлика на ситуацијата, што се чини дека ја загрижило опозицијата.
Во средината на салата опозицијата постави барикада од столчиња, кои, според А2 Си-ен-ен, пратеникот Фламур Нока се обидел да ги запали, што резултирало со прекин на расправата. Поради постапките на демократите интервенирала и полицијата.