Вицепремиерката за политики за добро владеење не знае какви ќе бидат потезите на министерот за администрација Алити, но очекува тој да ги почитува укажувањата од експертите и од Државниот завод за статистика, според кои, балансерот треба да функционира според податоците за резидентното население
Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, вели дека е загрижена за промените во т.н. балансер зашто не се базирани ниту на домашните закони ниту на меѓународните стандарди. Гостувајќи го емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Грковска рече дека Владата се уште не разговарала на оваа тема откако министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, во балансерот ги вметна процентите од вкупно попишаното, а не од резидентното население на ланскиот попис.
„Очекувам да разговараме за тоа. Јас сум голем противник на тоа да бираме што ќе почитуваме. Ние немаме право, не само како граѓани, уште повеќе како политичари, да бираме што ќе почитуваме од законите и од Уставот, а што нема да почитуваме. Значи, ние не можеме да се водиме во нашите постапки како политичари од нашата партиска, политичка припадност, од некакви договори, а не од она што се вика законска норма која важи во државата“,
порача вицепремиерката.
Таа вели дека не знае какви ќе бидат потезите на министерот Алити, кадар на партијата Алтернатива, но дека очекува тој да ги почитува укажувањата од експертите и од Државниот завод за статистика, според кои, балансерот треба да функционира според податоците за резидентното население.
Електронска лична карта

На тема воведување електронска лична карта, за што Владата се советува со тим од Естонскиот центар за меѓународен разговој, вицепремиерката Грковска рече дека се реални проекциите на естонските експерти дека граѓаните би можеле да имаат електронска лична карта за околу две и пол години отсега.
„Ова воопшто не е долг период имајќи предвид дека ние веќе почнавме со подготовките. Најголем дел во целиот овој процес претставува правната подготовка, не само за електронска лична карта, туку и за дигитална трансформација на општеството. Многу ми е криво што сме ги пропуштиле сите овие години да го направиме првиот чекор“,
вели Грковска.
Естонскиот експерт за дигитален идентитет, Раул Каидро, кој учествуваше во емисијата преку видео-врска со Талин, рече дека крајот на 2024 година е остварлива цел.
„Технички, вашиот договорот за тендер за лична карта е веќе истечен и треба да има нов. Верувам дека самиот тендерски процес може да се спроведе за половина година, тука се преговорите околу договорот со потенцијалните добавувачи… Мислам дека се, целата постапка, е остварлива во период од две години. Тоа значи дека до крајот на 2024 година во вашите раце може да имате целосно функционална електронска лична карта. Не сметам дека овие лични карти одеднаш би се поделиле на сите граѓани, но дотогаш првите лични карти со електронска функционалност би биле издадени“,
рече Каидро.