Свесни сме за чувствата, има многу стравови за идентитетот, културата, јазикот, но ве уверуваме дека Германија го следи тоа, Германија верува во македонската култура, во македонскиот јазик и Германија знае за македонскиот идентитет и сето ова го гледаме како пат кон иднината во ЕУ – вели специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Емануел Сарацин, во краток разговор за „360 степени“
Мислам дека на оваа земја ѝ треба лето на примирје, поголема јаснотија за идниот пат на земјата – и за самата земја, но и за ЕУ… Ако ова лето уставните измени не се спроведат успешно, тогаш гледам многу тешкотии во наредниот период. Најмалку ќе има големо губење време, а тоа е доброто сценарио. Во лошото сценарио гледам многу нејаснотии за патот на Северна Македонија – порачува Сарацин
Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан во изминатите денови во Скопје се сретна со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со пратеници во Собранието… На сите им ја пренел пораката за потребата од уставни измени како неопходен чекор за продолжување на пристапниот процес и отворање на преговарачките кластери. Истовремено, Сарацин не ја крие загриженоста на официјален Берлин за тоа што би се случувало во наредниот период ако нема уставни измени. Тој, во кусото интервју за „360 степени“, вели дека неуспех на овој процес би пратил порака до ЕУ и земјите членки дека Северна Македонија има дилеми за својата иднина во Унијата.
360°: Г. Сарацин, очигледно е дека клучно прашање на вашата агенда беа уставните измени. Во изминатите денови слушнавме што ви кажаа вашите соговорници, но што им пренесовте вие ним?
Сарацин: „Секогаш кога доаѓаме во Северна Македонија, првата работа што им ја кажуваме на Македонците е дека Германија е пријател на Северна Македонија, пријател на Македонците и ние се прдиржуваме до тоа. Тоа беше првата порака. Секако дека иднината на вашата земја ја гледаме во ЕУ и знаеме дека уставните измени се патот кон тоа. Дали го сакате или не, тоа е единствениот пат. Се обидував да зборувам со сите и како пријател да го објаснам нашето размислување за иднината – не да бидам натрапник, туку да помогнам и да го покажам нашето размислување за иднината. Мислам дека на оваа земја ѝ треба лето на примирје, поголема јаснотија за идниот пат на земјата – и за самата земја, но и за ЕУ. Заради тоа сметам дека е важно да се продолжи со процедурата и да се дојде до точка на гласање на уставните амандмани во пристоен временски период. Се обидов тоа да го објаснам. На овој пат може да сметате на Германија, а на Германија може да сметате и во иднина на патот кон ЕУ. Но, важно е да се каже дека немаме време за губење – ако ова лето уставните измени не се спроведат успешно, тогаш гледам многу тешкотии во наредниот период. Најмалку ќе има големо губење време, а тоа е доброто сценарио. Во лошото сценарио гледам многу нејаснотии за патот на Северна Македонија. Затоа, се обидовме на граѓаните на Северна Македонија, на Македонците, да им кажеме – може да ѝ верувате на Германија, остануваме вклучени, ќе бидеме со вас на патот кон ЕУ. Свесни сме за чувствата, има многу стравови за идентитетот, културата, јазикот, но ве уверуваме дека Германија го следи тоа, Германија верува во македонската култура, во македонскиот јазик и Германија знае за македонскиот идентитет и сето ова го гледаме како пат кон иднината во ЕУ. Ова беше понудата што можевме да ја дадеме.“
360°: Дали почувствувавте некаква промена во насоката, во политиките на некои од партиските лидери со кои се сретнавте?
Сарацин: „Не би рекол дека почувствував некаква промена, но никогаш не се знае. Поентата е дека сакам да бидам во директна комуникација со сите партии и наша идеја е дека ова европско прашање не треба да биде дел од партиски пресметки, туку севкупно прашање важно за земјата, за кое треба да има натпартиско согласување, како и согласност за некои точки – отворање на поглавјата, преземање на потребните чекори. Но, важно е да се разговара, да се разговара како со пријатели, да се разменуваат идеи, да се слуша кои се потешкотиите што ни ги пренесуваат лидерите на различни партии.“
360°: Споменавте за можност од нејаснотии за иднината на земјата ако уставните измени не се спроведат. На што мислите?
Сарцин: „Важно е да се каже дека одлуката што ќе ја преземе Северна Македонија ние ќе треба да ја почитуваме. Но, исто така, таа ќе биде и толкувана – ако има „не“ за уставни измени, на пример, при гласањето во парламентот, секако дека тоа ќе го толкуваме како знак дека сега, во моментот, не сакаат да одат напред кон ЕУ. Тоа наведува кон прашањето – кој ќе биде патот на земјата ако таа не сака да напредува кон ЕУ? Всушност, немам одговор за тоа и многумина во Северна Македонија ќе го постават тоа прашање, но и во Германија и во ЕУ. Мислам дека треба да избегнеме покренување на ова прашање.“
360°: Чувството е дека нема поголема раздвиженост во ЕУ или во дел од земјите членки ако не се спроведат уставните измени. Тие и да се спроведат, сепак членството во ЕУ е многу далеку и за Северна Македонија и за земјите од регионот. А, тоа, пак, се отсликува во намалувањето на јавната поддршка за членство во ЕУ, што можеби се должи и на тоа дека од Македонија премногу се бара, а ЕУ премалку испорачува.
Сарацин: „Мојот првичен впечаток е дека, сепак тоа е почеток на патот, но ако не почнете да го одите, нема да стигнете до целта. Истовремено, гледам големи промени – Украина почнува пристапни разговори, во регионот, исто така, Охридскиот договор и наредните неколку години може да донесат големи промени во политиката. Имаме војна во Европа, не е вистинскиот момент да има нејаснотија за вашата иднина, ова е вистински момент да почне да се работи и заедно да забрзаме. Германија сака да ја види Северна Македонија во ЕУ, тоа е јасно и до тоа ќе се придржуваме, тоа е наш стратешки интерес и сакаме со вас да бидеме заедно, како партнери, во ЕУ, а не како што сме сега блиски соседи и Европејци. Но, за тоа да се случи, овој чекор мора да се преземе.“
360°: Како може да ѝ помогнете на земјата, на граѓаните да ја увидат важноста на членството во ЕУ зашто гледаме дека паѓа поддршката за ЕУ?
Сарацин: „За нас е важно да се комуницира со граѓаните и да разберат дека ние сме пријатели на Македонците и дека можете да бидете сигурни во нашата перспектива за прашањата кои се однесуваат на идентитетот и културата.“
360°: Дали го отворивте прашањето за ставање на европското знаменце на контроверзните измени на законите кои се поврзани со изградбата на автопатите, имајќи предвид дека имаше силни реакции од Брисел?
Сарацин: Да, зборувавме за тоа и како членка на ЕУ ја следиме европската позиција.
360°: Дали има некое продолжение на ова прашање?
Сарацин: „Бевме информирани за различните позиции за ова прашање и јасно е дека доколку зборувате за европско знаме, тогаш тоа треба да биде за проекти кои ги приближуваат законите и правото на Северна Македонија до заедничкото европско законодавство. Прашање е дали овој проект припаѓа таму, а Делегацијата на ЕУ бараше појаснување и ние ја поддржуваме оваа позиција.“
360°: Покрај уставните измени, дали зборувавте и за реформите и за справувањето со корупцијата и организираниот криминал?
Сарацин: „Да, секако, тоа е во сржта на европските преговори. Веднаш штом ќе успееме да ги отвориме првите кластери, ќе имаме многу посилни мерки за посилно да притискаме за владеење на право, борба против корупција – силно, силно во конкретни рамки за Северна Македонија во ЕУ-преговорите. На сите им кажав – сакам да ве видам во преговорите зашто тогаш навистина ќе бидеме остри, многу повеќе отколку кога не сте во процесот.“