Македонскиот историчар и претседател на македонскиот тим на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓеоргиев, вели дека Комисијата мора да продолжи со работа оти само така ќе се надминат недоразбирањата.
Тој во телефонско гостување во емисијата „Слободна зона“ на бугарската телевизија „Европа“ рече дека доколку се прекине дијалогот ќе остане чувството дека тоа добрососедство меѓу Бугарија и Македонија не е искрено и дека се нема желба да се надминат некои историски прашања.
На прашањето дали ќе се промени на некаков начин македонскиот концепт кога повторно ќе се седне на масата за разговори во комисијата, со оглед на полноправното членство на Северна Македонија во НАТО и добивањето на датум за преговори со Европската Унија, историчарот посочи дека не смета оти земјава на некој начин ќе го злоупотреби тоа.
„Ако имаме предвид дека во претходните две години кога течеа разговорите во таа комисија понекогаш од страна на Бугарија беше потенцирано дека ‘треба ние да гласаме за почнување на преговори со ЕУ’ и ‘треба Бугарија во текот на тие преговори со Унијата да даде согласност за одредени прашања’, тоа беше понекогаш користено во разговорите како еден вид притисок. Меѓутоа, не сметам дека тоа можеше да се оствари од бугарската страна и затоа и сега не сметам дека Македонија со добивањето на преговори со ЕУ и со членството во НАТО на некој начин тоа ќе го злоупотребува. Во секој случај сега нашата позиција, ако зборуваме политички е подобра, веќе не виси над нас тоа условување. И тој аспект може да се каже дека нашата позиција сега е полесна, меѓутоа не сметам дека ние сега треба да се однесуваме неодговорно и да ја злоупотребуваме таа позиција“,
рече Ѓоргиев.
На прашањето дали смета дека концептите на Бугарија и Северна Македонија за интерпретација на историјата се разликуваат цврсто и суштински, тој вели дека Бугарија треба да го промени погледот кон Северна Македонија.
„Бугарија треба да го промени погледот на Македонија за сегашноста, односно да ја признае таа реалност која е создадена на територијата на денешна Северна Македонија. Од друга страна, македонската историографија треба малку похрабро и поотворено да проговори за минатото и во таа смисла доколку двете држави, политики, историографии пораснат во тие два погледи истовремено, растат и ги надминуваат тие радикални сфаќања, цврсто националистички сфаќања за минатото или за денешната реалност, тогаш може да се дојде до резултат. Меѓутоа надминувањата мора да одат паралелно“,
оцени Ѓоргиев.
Тој нагласи дека македонскиот и бугарскиот народ се најблиски народи и доколку не можат да најдат меѓусебно решение тогаш тоа би било едно голема трагедија за нивните односи.