Најпогодените области изгледаат како воена зона. Ангажирани се спасувачки екипи од цела Чешка и соседните Австрија и Словачка
Најмалку три лица загинаа, а околу 200 се повредени во торнадото кое зафати седум села во Јужна Моравија околу Бжецлав и Ходоњин, оставајќи пустош, откорнати и пропаднати покриви, оштетени куќи, паднати дрвја, превртени автобуси и запреа сите возови и сообраќајот до границата со Словачка.
„Најмалку три лица загинаа. Околу шеесетина повредени се во болници, десет тешко, додека 45 имаат полесни повреди. Неколку десетици лица добија прва помош на самото место“,
изјави портпаролот на службата за спасување на регионот на Јужна Моравија за јавниот сервис ЧТ.
Најпогодените области изгледаат како воена зона. Ангажирани се спасувачки екипи од цела Чешка и соседните Австрија и Словачка, објави Би-Би-Си.
Торнадото уништи половина од селото Хруски, објави „Лидове новине“.
Во пограничниот град Ходињин, оштетен е старечки дом и уништена е локална зоолошка градина.
„Ситуацијата изгледа како бојно поле“,
рече Антонин Тесарик, директор на болницата, каде што околу 200 лица добија помош.
„Тоа беше апокалипса. Крв имаше насекаде и беспомошни луѓе во солзи“,
изјави Тесарик за агенцијата ЧТК.
Спасувачките екипи објавија дека вкупно седум населени места во регионот во близина на границата со Австрија се погодени од торнадото.