Дополнително ќе се утврдува дали основната конструкција е оштетена односно дали мостот ќе мора да се урне поради оштетување
Голем пожар синоќа го зафати и делумно го уништи „Понте ди феро“, индустрискиот т.н. Железен мост што ги поврзува двете римски населби Остинезе и Трастевере.
Пожарот избувнал синоќа пред полноќ, а пожарникарите успеале да го локализираат околу еден часот утрово, јавува агенцијата „Анса“.
Зоната околу железниот мост е центарот на ноќните собири во Рим.
Според првичните информации, нема човечки жртви, а некои очевидци тврдат дека пожарот избувнал во бараките на бездомниците под мостот, по што е создадено „стампедо“ од луѓе кои биле во околните ресторани и барови.
Како што јавуваат италијанските медиуми, пожарот загрозил и дел од гасните инсталации, а како мерка на претпазливост е исклучено снабдувањето со гас, електричната енергија и водата.
Градоначалничката на Рим, Вирџинија Раџа, го посети местото на несреќата и изјави дека „најважно е што нема човечки жртви, но тажно е да се види дека е уништен дел од историјата“.
Пожарот изгоре дел од мостот кој се урна во реката Тевера, а останува да се утврди дали основната конструкција е оштетена односно дали мостот ќе мора да се урне поради оштетување. Индустрискиот мост е изграден во 1863 година.
This night in #Italy Rome's "#IronBridge" across the Tiber River caught huge fire and collapsed#Disaster #fire #catastrophe pic.twitter.com/133glKa9cT
— Disaster (@Disastervid) October 3, 2021