Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изрази голема благодарност до граѓаните но и до сите лидери на земјата кои во изминативе три децении работеле за да се случи денот
Долгиот ден за македонската и за албанската делегација во Брисел заврши со коктел на кој имаше торти со македонско, албанско и европско знаме.
Во текот на денот, Северна Македонија и Албанија ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ, на кои чекаа со години, а потоа ги одржаа и состаноците за отпочнување на скрининг – процесот.
Коктелот помина во неформална атмосфера и добро расположение од сите присутни. И во оваа прилика имаше обраќања. Премиерот Димитар Ковачевски ги искористи минутите да упати благодарност до граѓаните на С Македонија кои имале концентрација за 17 години да останат на ист пат, но се заблагодари и на политичарите.
„Голема благодарност за сите лидери на Северна Македонија кои во изминативе 30 години работеа за да се случи денов“,
рече Ковачевски.
Според еврокомесарот Вархеји, пак, денот покажал дека ако на нешто мислиме и размислуваме, можеме да го направиме. „За мене ова е голема лекција. Па да продолжиме така“, заврши тој.