На протестот пред Владата немаше вработени во ЈСП „Скопје“, освен неколкумина шофери кои ги донесоа автобусите. Синдикалните организации во ова градско јавно претпријатие претходно најавија дека нема да протестираат денеска и дека ќе чекаат на сметките да им легне платата за септември, а ако тоа не се случи утре наутро во 4:30 часот со своите семејства ќе излезат на протест пред ЈСП и автобусите нема да сообраќаат
Град Скопје денеска ги извади автобусите на ЈСП пред Владата, потег кој го најави вчера градоначалничката Данела Арсовска, посочувајќи дека вината за тоа што вработените во ова скопско јавно претпријатие сè уште не зеле плата е кај Владата, односно кај Министерството за образование кое му должи два милиони евра на ЈСП од блок дотации за бесплатниот превоз на средношколци.
На протестот се собраа десетина луѓе, а на новинарите прв им се обрати секретарот на Градот, Зоран Глигоров, кој порача:
„Оној што должи мора да плати“.
Тој им порача на скопјани дека заслужуваат да имаат јавен превоз и дека тој ќе се реализира, без разлика, како што рече, на проблемите со кои се соочуваат и на притисокот што се прави како од МОН, кое не ги исплаќа своите обврски, така и од општините што му должат на ова скопско претпријатие.
„Вработените во ЈСП заслужуваат плати и тие ќе ги добијат. Градот Скопје стои во целост зад нив и не само зад нив, туку Градот Скопје стои зад сите граѓани“,
рече Глигоров.
В.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски, го повтори ставот на Глигоров, дека вработените не зеле плата поради долгот на МОН и на општините.
„Вработените ќе добијат плата. Ние преговараме и укажуваме дека Владата ни е должник. И за време на пандемијата и 2019, 2020, 2021 ЈСП ги добивало тие средства и одеднаш се прекинаа. Ние бараме искрен одговор од нив. Тоа е одлука донесена во Владата. Пак ќе напоменам, и за нефизичко присуство, кога студентите беа на онлајн настава, ЈСП ги добиваше тие средства. Не се работи само за студентите, туку и за средношколците. Средношколците се во функција од минатата година“,
рече Стојковски тврдејќи дека постои документ кој е доказ за долгот на Владата, но дека дополнително ќе биде доставен до медиумите.
Доколку ЈСП не ги добие парите, за кои раководството тврди дека Владата ги должи, в.д. директорот најави радикализација на протестите.
Од Владата вчера демантираа дека имаат каков било долг кон ЈСП „Скопје“, како што обвинија од Град Скопје и од раководството на претпријатието.
Од Владата, преку соопштение, информираа дека ваквата состојба во којашто се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.
„Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП ‘Скопје’ подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза“,
соопштија од Владата.
Од таму информираа дека согласно документацијата на Министерството за образование и наука, тие редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности, или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП ‘Скопје’.
„Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, кога средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. ‘Кирил и Методиј’ во Скопје“,
додадоа од Владата.
На протестот пред Владата немаше вработени во ЈСП „Скопје“, освен неколкумина шофери кои ги донесоа автобусите. Синдикалните организации во ова градско јавно претпријатие претходно најавија дека нема да протестираат денеска и дека ќе чекаат на сметките да им легне платата за септември, а ако тоа не се случи утре наутро во 4:30 часот со своите семејства ќе излезат на протест пред ЈСП и автобусите нема да сообраќаат.
„На денешната средба со трите репрезентативни синдикати се договоривме да настапуваме вака: Денеска влегуваме во Советот на Град Скопје на вонредната седница закажана за 14 часот, но тоа е премногу доцна за да некој одлучи дали ние ќе добие денеска плата. Ако денеска не добиеме плата утре во 4:30 сме тука заедно со нашите семејства. Тоа значи дека автобусите нема да излезат“,
рече Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски.
Истото го потврди и претседателот на Независниот синдикат на возачи Африм Муча.
„Утре се договоривме со семејства во 4:30 да дојдеме. Градоначалничката односно Градот Скопје зедоа плата, тие се со полни стомаци, ние не сме. Денеска е 19. Кога ќе добиеме плата, кога ќе јадеме ние? И ние имаме деца како што и таа и директорот. Тој зема 60, можеби и повеќе илјади денари, ние земаме по 25-30 илјади. Сега пресметајте колку тој може да живее, а колку ние“,
рече Муча.