Подготвени сме да работиме со меѓународната заедница за да собереме што поголема меѓународна поддршка за формирањето на тој специјален суд. Ужасните злосторства на Русија не смеат да останат неказнети, вели Фон дер Лајен

Европската Унија ќе се обиде, со поддршка на ОН, да формира суд посветен на истрагата и судењата на руските воени злосторства извршени во војната во Украина, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Руската инвазија на Украина донесе смрт, уништување и незамисливо страдање. Сите се сеќаваме на ужасите на Буча. Се проценува дека во војната досега се убиени повеќе од 20 000 цивили и повеќе од 100 000 припадници на украинската армија“,
рече Фон дер Лајен.
Таа додава дека Русија мора да плати за своите страшни злосторства, вклучувајќи го и злосторството за агресија врз суверена држава. Поради оваа причина, додава Фон дер Лајен, иако продолжуваме да го поддржуваме формирањето на меѓународен суд, предлагаме формирање на специјален суд поддржан од ОН, за истрага и казнување на руските злосторства на агресија.
„Подготвени сме да работиме со меѓународната заедница за да собереме што поголема меѓународна поддршка за формирањето на тој специјален суд. Ќе се погрижиме Русија да плати за пустошот што го предизвика. Русија, исто така, мора финансиски да плати. Се проценува дека Украина претрпе штети од околу 600 милијарди евра. Русија и нејзините олигарси мора да и надоместат на Украина за штетите и трошоците за обновата на земјата. Ужасните злосторства на Русија не смеат да останат неказнети“,
рече Фон дер Лајен.
Русија негира дека убила цивили и извршила воени злосторства, и покрај убедливите докази за масакрот во Буча. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека само за време на окупацијата на Херсон биле извршени повеќе од 400 воени злосторства.