Според него, со уставните измени не е загрозена ниту една идентитетска одредница. Побара од власта јавно да објасни од што точно се плаши и зошто нема желба државата да се движи напред кон Европската Унија
Се осврна и на состојбата во правосудниот систем, оценувајќи дека без европско правосудство не може да се врати довербата на граѓаните во институциите
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, денеска имаше свое обраќање на панел-дискусија во рамките на конференцијата „Седум децении подоцна: Од визијата на Шуман до новите геополитички предизвици на Европа“, каде што се осврна на европскиот пат на државата, Преговарачката рамка и реформските процеси, нагласувајќи дека постојат јасни чекори дефинирани од Европската Унија и дека не треба да се губи време во нивната реализација.

Во обраќањето посочи дека Преговарачката рамка веќе е усвоена од земјите членки на Европската Унија и дека процесот е јасно дефиниран. Првиот чекор, како што рече, е да се направат уставните измени, по што следи одржување на следна меѓувладина конференција.
„Па ние не сме земја во Африка којашто сака да влеземе во Европската Унија, па не викаат чекајте, тоа е невозможно. Ние имаме конкретен предлог од сите земји членки на Европската Унија, се вика Преговарачка рамка. Ја изгласале сите земји членки на Европската Унија, првиот чекор што треба да се направи е да се направат уставни измени. И да се случи следната меѓу владина конференција. Тоа е на масата. Зошто е тој скептицизам? Зошто е стравот? Напишавме предлог-резолуција да се обединиме околу националните интереси после гласањето на уставни измени нема преговори за која било и да е идентитетска одредница. Од што се плашиме, ако сите седиме заедно на масата за тие работи? Се знае кој е првиот чекор.“,
рече тој.
Според него, со уставните измени не е загрозена ниту една идентитетска одредница. Побара од власта јавно да објасни од што точно се плаши и зошто нема желба да се оди напред во Европа.
„Нема ниту една идентитетска одредница која е загрозена со следниот чекор што треба да се направи, а тоа се уставните измени. Нека кажат како внесувањето на малцинството во Уставот го загрозува нашиот идентитет или било што друго што би претставувало ризик. Владата треба да каже од што точно се плашиме. Моето мислење е дека нема желба да се оди напред во Европа за да се продолжи со корупцијата и ништо друго. Ама буквално ништо друго“,
истакна Филипче.
Потсети на понудата на СДСМ за обединување околу националните интереси, додавајќи дека не добила поддршка од ниту една политичка партија.
„Зошто е тој скептицизам? Зошто е стравот? Напишавме предлог-резолуција да се обединиме околу националните интереси, после гласањето на уставните измени нема преговори за било која и да е идентитетска одредница. Ниту една партија не одговори. Од што се плашиме, ако сите седиме заедно на масата за тие работи? Се знае кој е првиот чекор“,
кажа Филипче.
Предупреди дека одложувањето на одлуките може да има последици врз иднината на државата, меѓу кои и зголемено иселување на младите.
„Уште ли ќе губиме време? Зошто да се остави на следните генерации? Тие во меѓувреме само ќе заминат од земјата и ништо друго. Ако навистина сакаме да се интегрираме во Европа и да ја сузбиеме корупцијата којашто е присутна на секое ниво, а сами не можеме. Патот е јасен“,
кажа лидерот на СДСМ.
Во своето обраќање Филипче се осврна и на состојбата во правосудниот систем, оценувајќи дека без европско правосудство не може да се врати довербата на граѓаните во институциите.
Според него, постои брутална партизација не само во правосудството, туку и на сите нивоа во државата.
„Може ли да се врати вербата во правосудството? Не може без европско правосудство. Не веруваат луѓето повеќе. Проблемот е подлабок и се однесува на целиот систем, а причината е бруталната партизација што продолжува на секое ниво“,
смета лидерот на опозициската партија.
Ваквата состојба, како што посочи, придонесува за губење на довербата во институциите и засилено иселување.
