Министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за тестирањето за коронавирусот во нашата земја и дали има објективни пречки зошто не се прават повеќе тестови, како тоа дека државата не може да ги набави, или дека лабораториите немаат поголем капацитет.
„Нема техничка пречка да се направи поголем број на тестови. Пристапот се базира на научни основи согласно стручното мислење на експертите епидемиолози зошто така треба да се прави“,
вели Филипче.
Филипче ги коментираше и бројките на тестирања кои ги прават други земји, како Јужна Кореја со 8.200 тестови на 1 милион жители, Италија со 8.400 тестови на 1 милион жители, Австрија со 6.200 тестови на 1 милион жители, Велика Британија со 2.200 тестови на 1 милион жители, САД со 450 тестови на 1 милион жители, наспроти С. Македонија со над 2.000 тестови на 1 милион жители.
„Секоја земја има свои карактеристики, како епидемиолошки, така и карактеристики во бројот на пациенти коишто се идентификувани во даден момент, во каква форма, односно каква клиничка слика имаат во моментот кога се идентификувани и како се примаат во болница. Што е целта? Целта е епидемиолошката крива да се развлече. Самите кажавте дека сличен број на тестови имаат Јужна Кореја и Италија а таму сликата е дијаметрално спротивна. Мора секоја земја согласно тој еден унифициран научен пристап, а согласно многу различни карактеристики на здравствениот систем и моменталната состојба на број на дијагностицирани пациенти, состојба во којашто се наоѓа, да го најде својот автентичен пристап. Во таа смисла сметам дека со оваа бројка на тестови нема технички предизвик, ние имаме сосема доволен број на тестови на располагање, немаме проблем со лабораториите, тие се сосем доволно стручно екипирани. Меѓутоа пристапот да се дијагностицира пациент којшто има симптоми и сите негови контакти да бидат во самоизолација, сега за сега дава добри резултати“,
рече Филипче.
Тој вели дека ситуацијата се следи секојдневно, а се прават и „рандом“ тестирања, но дека според последните резултати, сите тие се негативни.