Од 1 јули Словенија го презеде од Португалија претседавањето со Советот на ЕУ и во наредните шест месеци има надежи да се поместат работите околу преговорите со С Македонија за членство во Унијата, но има и задршки, поради илибералните тенденции на тамошната влада предводена од Јанез Јанша. На маргините на меѓународната конференција „Преспа форум за дијалог“ во Охрид разговаравме со европратеничката од опозициската левица на Словенија, Тања Фајон за тоа што може да се очекува од словенечкото претседателство, но и за односот на ЕУ кон регионот
360°: Госпоѓо Фајон, во едно од вашите излагања, кога ги објаснувате односите меѓу Европската Унија и Западен Балкан, велите дека клучниот збор е – доверба. Но, се чини дека сега граѓаните на Северна Македонија и на Албанија ја губат довербата во ЕУ, која не ги испорачува ветувањата.
Многу сум загрижена што Европската Унија го губи кредибилитетот и, секако, луѓето од Западен Балкан ја губат надежта и визијата. Но, мислам дека довербата е клучот за да започне развој на подобри односи и поголема доверба на сите страни. Секако, ја разбирам фрустрацијата на луѓето во Северна Македонија, па дури и во Албанија или во Косово, бидејќи се дадоа многу ветувања, но државите се уште го чекаат следниот чекор. Често сведочиме на егоизам, себичност или изборна кампања во некои од земјите членки кои го загрозуваат напредокот на земјите и тоа мора да престане. Јас мислам дека се наоѓаме во, можеби, последниот клучен момент на крстосница, не само за иднината на Европа, туку и за иднината на проширувањето на Западен Балкан. Ако сме искрени, состојбата на Балканот, во ЕУ или со проширувањето, не е добра. Затоа, искрено се надевам дека во текот на оваа половина од годината, кога Словенија ќе продолжи со претседателството, ќе направиме значајни чекори затоа што, ако не го испорачаме она што го ветивме, мислам дека сме изгубиле драгоцено време.
360°: Доверба, кредибилитет – има ли загриженост во ЕУ дека таа го губи влијанието, речиси и да го изгуби влијанието овде на Балканот?
Мислам дека Европската Унија минува низ неколку промени или предизвици, помина низ различни кризи, проширувањето не беше високо на агендата и ако денеска ги прашате граѓаните на ЕУ или владите, можеби сите ќе се изненадиме како се чувствуваат во врска со проширувањето. Тоа е недостаток на доверба, секако, можеби и недостаток на посветеност, дури и на страната на Западен Балкан. Мора навистина да ги видиме реформите кога станува збор за владеење на правото, за демократија, борба против корупцијата, против организираниот криминал, реформа на јавната администрација, слобода на медиумите…, што секогаш се критикува. И владите на Западен Балкан, можеби, во отсуство на силна европска политика, не покажаа значителен напредок. Ја исклучувам овде Северна Македонија, бидејќи може да биде светол пример. Со владата на Заев успеавме да постигнеме историски договор, што беше екстремно тешко, политички сензитивно, но тоа докажа дека големите и тешки компромиси може да се постигнат, ако сите страни се посветени да направат чекор напред.
360°: Но, зошто да се прават компромиси за толку тешки прашања, како со Северна Македонија, кога нема „морков“ на крајот на патот? Имавме проблем со Грција, сега е прашањето со Бугарија… Кое е вашето мислење за новиот спор со Бугарија, личи како една земја членка да ја злоупотребува моќта на Унијата?
Многу сум разочарана од однесувањето на Бугарија, нивниот егоизам или себичност е екстремно погрешна и неодговорна. Се надевам дека ќе успееме да ја убедиме Бугарија што е влогот и да најдеме компромис и договор, затоа што не можеме заради национален интерес или заради добивање политички поени во национално опкружување да загрозуваме иднина на соседна земја, што се случува денеска. Пред нас е важно време, не е изгубено се, не сакам да бидам песимистична, јас сум реалист, но мора да одиме напред, бидејќи едно нешто за мене е јасно – Западен Балкан отсекогаш е дел од Европа. Го делиме континентот и глобалните предизвици. Си требаме едни на други, за заедно да се бориме и да го одржиме континентот силен и обединет.
360°: Го споменавте претседателството на Словенија, што можеме да очекуваме во следните шест месеци?
Драго ми е што гледам дека Владата на Словенија го става Западен Балкан како еден од приоритетите. Ја поддржувам амбициозната агенда, што може да биде најдобар можен исход и се надевам дека со помош на сите европски партнери ќе успееме да ги отпочнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија и да го испорачаме тоа што го ветивме пред три години – визна либерализација за Косово. Некако, повторно да се поврзе бизнисот, економијата, контактите меѓу луѓето, да се врати довербата, не само внатре во регионот, туку и во институциите и во ЕУ. Сакам да ги видам пријателите од Западен Балкан како дел од дискусијата за иднината на Европа. Ние се обидуваме да го постигнеме тоа во Брисел, во Европскиот парламент. Дебата со граѓанското општество, со граѓаните е во тек и срамно е да се види дека Западен Балкан не е вклучен. Тоа е можност навистина да покажеме дека сите сме дел од овој континент и треба да дискутираме заедно за нашата иднина.
360°: Има загриженост за словенечкото претседателство. Од една страна, има декларативна заложба за европските вредности и проширувањето, но од друга страна, има многу загриженост поради илибералните тенденции на владата во Љубљана?
Ја споделувам загриженоста, бидејќи во денешно време добиваме многу критики од Брисел, од странски дипломати и медиуми во однос на владеењето на правото и слободата на медиумите. Tоа е црн облак на првиот ден од словенечкото претседателство, така што Владата ќе мора напорно да работи за да ја поправи катастрофалната година во однос на почитување на европските вредности. Јас сум многу критична за тоа што го прави нашата влада во Словенија. Да се биде земја претседавач значи дека мора да се почитуваат европските вредности. За ова сум загрижена и се надевам дека ќе успееме да ја поправиме оваа катастрофално лоша година во однос на неназначувањето европски обвинители, на критиките за политичко мешање во слободата на медиумите итн. И општеството е длабоко поларизирано и разочарано.