Сефкија Арифи има 58 години. Веќе една деценија има матичен гинеколог, но ниту еднаш до сега државата не и пратила покана за бесплатен ПАП текст, што е дел од програмата за рана детекција на рак на грлото на матката.
– Потребно е за тие што треба да се прегледаат, значи треба да праќаат покана, ние сме жени, а они тоа не го прават. Не ги добиваме тие покани ние, не ги добиваме.
одговара Сефкија.
– Никогаш до сега не сте добиле покана?
– Не сум добила до сега никогаш.
А државната програма е почната пред 7 години. Планот е секоја жена од 24 до 60 години да добие бесплатен преглед еднаш во три години. Арифи вели, поканите и не се единствениот проблем за женското здравје.
„Без разлика што да бараш, за некој преглед да идеш, тоа треба многу чекање. И за пап тестовите и за се, сакам да кажам. Ако сакаш нешто да одиш на преглед и на друго, значи мора да чекаш по два три месеци“,
вели Сефкија.
Според програмата на министерството за здравство, Сефкија Арифи досега би требало да биде викната барем два пати на бесплатен ПАП тест.
За жал, нејзиниот случај не е единствен. Како што веќе објави „360 Степени“ во соработка со невладината „ЕСЕ“, во првите 6 години од програмата за рана детекција на рак на грлото на матката , биле опфатени само 28 отсто од жените на возраст меѓу 24 и 60 години. Податокот е до толку поразителен, што Европската комисија во последниот извештај не препознава дека во земјата воопшто има организиран систем за превенција.
„Во последниот извештај на Европската комисија за Македонија, од 2019 година, е кажано дека владата не одвојува доволно финансиски средства за скрининг за карциномите воопшто и дека не постојат национални програми за скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојката. Што значи сите овие проблеми што ние ги идентификуваме преку нашата работа се нотирани и во извештајот на Европската комисија“,
вели Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените „ЕСЕ“.
За оценката во извештајот за земјава на Европската Комисија, прашавме и во министерството за здравство. Одговорот е, се работи на препораките.
„Во континуитет се следат и искуства од европските земји, поточно од Словенија … МЗ е во секојдневна комуникација со Фондот за здравствено осигурување, во насока на усогласување на активностите од програмите, целите на матичните гинеколози, како и услугите кои ги пружаат јавните здравствени установи“,
информираат од министерството.
Од невладината „ЕСЕ“, веќе подолго време велат, решението е во повеќе пари и подобра координација.
„Итно е потребно да се зголемат финансиските средства за истиот, да се направи координација помеѓу МЗ и Фондот за здравствено осигурување и заеднички да направат една програма за скрининг унифицирана со што ќе се подобри опфатот на жените. Имајќи предвид дека нема доволен број на матични гинеколози, може со една обука семејните лекари па и општите лекари да бидат обучени за да земаат ПАП брис и да бидат вклучени во оваа програма“,
вели Павловски.
Репликата на министерството е дека системот веќе е подобрен и ќе продолжи да се подобрува. Лани, на бесплатен ПАП тест биле повикани 30% повеќе жени отколку во 2017 година.
И покрај напредокот, покана за 58-годишната Сефкија се уште нема, бесплатен преглед кој за неа може и живот да значи.