Владата иницираше постапки против четири од вкупно седумте члена на Регулаторната комисија за енергетика, а Собранието веќе разреши двајца. Образложението на власта е дека тие членови не ги ни исполнувале условите, кога биле избрани и изгласани во Собранието
Предвременото разрешување на членови на Регулаторната комисија за енергетика е возможно, но за тоа има пропишани услови и процедура, која во случајот не е запазена
Кон средината на декември Собранието разреши двајца членови на Регулаторната комисија за енергетика.Со 64 гласа „за“, на Андреј Тасев и на Мерита Дема предвреме им заврши функцијата. Предлогот за предвремено разрешување стигна од Владата. Тогаш, од Илинденска број 2 наведоа дека основот е во членот 19, став 6 од Законот за енергетика. Тој пропишува разрешување на член на Комисијата пред истекот на мандатот ако: несовесно и нестручно ја вршел функцијата; извршил повреда на обврските за непристрасност и независност; ја злоупотребил функцијата и/или на друг начин работел спротивно на законот.
Но,органот кој утврдува дали член на комисијата исполнил некој од условите за предвремено разрешување не е Владата. Туку Регулаторната комисија за енергетика, како што пишува во ставот 7 од истиот член на законот. А Регулаторна ниту разговарала, ниту утврдила дека Тасев и Дема треба да се разрешат.
Дома, случајот речиси и да се заборави. Но, не и надвор. Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски,кој изминативеденови беше во посета на земјава, од Собранието јавно порача – со предвремените разрешувања на членовите на Регулаторната комисија за енергетикасе доведува во прашање независноста на институцијата.
„Од неодамна забележавме одлука за распуштање на два члена од ова регулаторно тело, што можеби ја поткопува независноста на ова тело и сакав ова отворено да ви го кажам – разрешувањето на двата члена се набљудува навистина внимателно од Секретаријатот и очекуваме Владата да ни даде образложение за таквото разрешување“, кажа директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски.
Седницата на која се обрати Лорковски ја водеше Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Како претседател на Комисијата за економски прашања, труд и енергетика, вели дека подготвиле писмено образложение кое ќе му го достават на претставникот од Енергетската заедница. А тоа е, дека ниту двајцата веќе разрешени членови, ниту двајцата кои допрва ќе се разрешуваат, смееле да бидат избрани.
„Кај конкретните две лица за кои и почитуваниот Лорковски ни го постави прашањето, му укажавме дека има сериозни законски нарушувања.Односно согласно членот 17, ставот 3 од Законот за енергетика, не го исполнуваат условот, таму последните 15 години, тие имаат 10 години работно искуство во секторот на енергетика и токму затоа Собранието ја донесе таа одлука. Информиран сум дека во Министерството за енергетика веќе се припрема писмениот одговор до господинот Лорковски и тоа ќе биде набрзо доставено“,потенцира Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за економски прашања, труд и енергетика.
Во разговорот со Стојановски не го проблематизиравме тврдењето на власта дека разрешените членови не ги исполнувале условите кога биле избрани. Тукудека начинот на кој се разрешуваат ја нема во законот. Стојаноски остана на ставот дека Владата,сепак,има таква надлежност.
„Секако дека има, тоа е во членот 18, став 1, а и во другите ставови во истоимениот закон бидејќи замислете, од тие членови на РКЕ, дури 4 не ги исполнуваат условите. За овие двајца кои беа разрешени го кажав основот, додека другите двајца не го исполнуваат условот да еден биде именуван кој ќе работи во секторот на економија, другиот во правни работи со што вие како Влада доколку не направите одредена исправка од аспект на легализирање на ова тело, вие ќе дојдете до колизија со овие законски основи, каде што имате лица кои ќе примаат од буџетот именувајќи на функција кои не ги исполнуваат условите за неа“, вели Стојаноски.
Со членот 18 од Законот за енергетика, на кој се повикува Стојановски, се уредува именувањето на претседател и членови на Регулаторната комисија. Престанокот на мандатот, ооткако веќе биле именувани лицата, е разработен во членот 19.
Но, дури и се да е чистово постапката на разрешувањата, како што вели Стојаноски, зошто за Секретаријатот на енергетската заедница постои сомнеж дека се нарушува независноста на регулаторното тело?
„Бидејќи секако има право тој како директор на секретаријатот треба да се грижи за да има тоа тело независна улога и му требаа дополнителни информации. Сметам дека е коректно што побарал од еден орган како што е Министерството за енергетика писмено да му ги образложи овие работи, повикувајќи се по членовите на законите. Само да нагласам, ова не е прв пат вака да се случи – една ситуација имавме и во 2017, 2018, но коректно од негова страна, тоа му е работа на човекот, дојде, побара и ние писмено ќе му одговориме и понатака ќе може веќе да влеземе и во некој институционален дијалог и јас верувам дека овие работи ќе му бидат доволно ставени до знаење за да не се посомнева и дека некој во оваа држава има интенција да влијае врз независноста на некое тело бидејќи е многу клучно во работењето на благосостојбата на граѓаните и стопанството“, додава Стојаноски.
Одговори за коментарот на Артур Лорковски побаравме и од Владата. И оттаму, како и пратеникот Стојановски, се повикуваат на членот 18 од Законот за енергетика иако во предлогот за разрешување се повикаа на друг член – 19.
Дополнително, тврдат дека не се нарушува независноста на РКЕ, се додека „се постапува согласно законот“. Формално, сепак, до Енергетската заедница одговорот ќе го испрати Министерството за енергетика. Оттаму, сепак, не ни кажаа дали веќе го сториле тоа. Во одоворот за „360 степени“ посочуваат дека тие немаат никаква врска во разрешувањето на членовите на Комисијата.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини јасно потенцира дека не се меша во работата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која е независно тело со строго утврдени надлежности, чии одлуки и постапки се автономни и одвоени од влијанието на Министерството. Процесот на разрешување на членовите на РКЕ е спроведен од страна на надлежните институции, согласно законските процедури. Одлуката за разрешување на дел од членовите на РКЕ е донесена од страна на Собранието, на предлог на Владата. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нема законска надлежност и не е дел од постапката за избор или разрешување на членови на РКЕ“, велат од Министерството за енергетика.
Додека траат бранувањата за разрешувањето на двајцатачленови, Владата распиша оглас за пополнување на нивните испразнети места во Регулаторната комисија за енергетика. Условите се истите оние пропишани во Законот за енергетика.
Огласот е завршен, но од Владата засега не откриваат колку и кои кандидати се пријавиле бидејќи чекаат можни апликации испратени навреме, но кои доцнат поради поштата.
„Согласно член 18 од Законот за енергетика, пријавите на сите кандидати на огласот ги разгледува Комисија од пет истакнати стручни лица во енергетиката кои даваат предлог до Владата, за избор на кандидатите и за истиот по завршување на процедурите јавноста ќе биде запознаена“, посочуваат од Владата.
Селектираните кандидати, како предлог на Владата, ќе треба да бидат доставени до Собранието за избор. А кога ќе се изберат, за очекување е Собранието да се наврати на предвременото разрешување на уште двајцата други членови на РКЕ. Со тоа, мнозинството членови на Регулаторна ќе бидат луѓе избрани од актуелното владејачко мнозинство во Собранието.