Среда, 13 февруари 2019 година, околу 17 часот стигнаа првите новинарски извештаи дека на автопатот Скопје-Тетово автобус излетал од патот. Набрзо стана јасно дека меѓу патниците на редовната линија Скопје-Гостивар на „Дурмо турс“ има голем број жртви. Првично 14, до крајот на март билансот на починати се искачи на 16. Животот никогаш нема да биде ист ниту за голем дел од преживеаните, од кои 38 беа повредени. За несреќата беа обвинети шест лица – сопственикот, возачот и четворица вработени во „Дурмо турс“. Една година подоцна, никој не е осуден за виновен.

Крај на првиот работен ден оваа недела во Скопје. Најголем дел од вработените во главниот град се веќе дома, но за стотици патот штотуку почнува.
Една од автобуските линии која најмногу им одговара на гостиварци тргнува од Скопје во 16 часот и 15 минути. Тоа е истото време и истата линија на „Дурмо турс“, која заврши со трагедија пред една година.

Автобусот е полн уште на скопската автобуска станица. Застанува уште на неколку места пред да излезе од Скопје. Сè изгледа како на оваа линија и со овој превозник да не се случила тешка сообраќајка. Нема ни љубопитни погледи кога автобусот поминува кај Ласкарци.

Но, Ласкарци никогаш нема да биде заборавено од оние што страдаа на тоа место и оние што се затекнаа таму.

„За сите наши жители, навистина, беше голем случај што нè зафати сите каде што ние бевме тука каде што сме и денеска, бевме меѓу многуте луѓе кои денес, му благодарам на Бога, се здрави и живи и сум меѓу нив, нема никогаш да се заборави, тоа беше ден на жалост за сите“,
вели Садат Ќазими, жител на Ласкарци.

Спасителите и жртвите се собраа минатиот четврток пред да се раздени, на меморијален марш до Гостивар. Меѓу нив беше и Мерсел Незири. Се сеќава како се качил во автобусот на „Дурмо турс“. Следно што памети е болничката соба.

„Навистина бевме големо семејство кое патуваше заедно многу години. Тоа е голема загуба за градот Гостивар. Се надевам дека никогаш нема да се повтори и веруваме дека наскоро ќе излезат и причината и виновниците и правдата во виделина“,
вели Незири.
Не само што не ги заборавил, Лулзим Далипи сè уште ги чувствува повредите.

„Сè уште сум на боледување бидејќи не сум погоден за работа… За жал, помина една година и немаме конечен епилог, се надеваме дека вистинските и главните виновници ќе ја добијат казната што ја заслужуваат за овој настан“,
ни раскажа Далипи.
Идејата на собирот беше повредените и семејствата на жртвите да стигнат од Ласкарци на крајната дестинација во Гостивар во 17 часот и 30 минути, кога и кобната линија требаше да стигне дома.

„Мислам дека е многу добра симболика. Ме радува фактот дека повеќето роднини на лицата што го загубија животите, 16 лица, денеска се тука и заедно ќе пешачиме овој пат до Гостивар“,
кажа градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.
Во Гостивар, пак, се сретнавме со семејството Аврамовски. Нивниот син Бобан, кој беше студент по мода и дизајн, им беше единец.

„За него Македонија можеби и Балканот беше мал. Се спремаше за многу повисоки работи. Изработуваше јакна за која му требаше 5-6 часа дневно и повеќе да седи посветено да работи. Црташе, креираше само ноќе кога имаше идеи. Беше многу искрен, многу борбен и многу храбар и правичен. Ја бараше само вистината во секое поле“,
вели Соња Авмравоска, мајка на загинатиот Бобан.
Како што Бобан секогаш ја барал вистината и правдата, така и неговите родители сега инсистираат на неа, преку судскиот процес за сообраќајката кај Ласкарци.

„Едно од вештачењата го дефинира превозното средство, со наведените технички карактеристики што ги испитале тие и воопшто не смеело да учествува во јавен сообраќај. Воопшто не смеел да биде пуштен во сообраќај и сега прашање е дали станува збор за возило или станува збор за некое друго средство, општо опасно средство. Сега да не кажам, не возел компири или некоја друга стока, возел луѓе. Од тој аспект, значи, сите тие елементи воопшто досега не се земени предвид и тоа е една од причините што не сме задоволни од досегашното водење од постапката“,
вели Митко Аврамовски, таткото на Бобан Аврамовски.

Судењето за несреќата кај Ласкарци се води во скопскиот Кривичен суд. На обвинителна клупа се шест лица. Сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, возачот Маноил Трифуновски и шефот на возниот парк Ремзи Мифтари се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Други тројца вработени на компанијата се товарат за соучесништво.

Во обвинението и вештачењата засега е исклучено дека на возачот му се слошило или дека правел и нешто друго за време на несреќата.

„Елиминиравме спиење за време на незгодата и употреба на мобилен телефон“,
рече сообраќајниот вештак Драган Аксентиев по едно од рочиштата.
Тезата што се обидува да ја докаже обвинителството е дека автобусот возел побрзо од дозволеното, но и дека тоа не е единствената причина за несреќата. Автобусот имал уред за манипулација на брзината, поминал технички преглед со неисправни кочници во станица за технички преглед, која е во сопственост на газдата на „Дурмо турс“.

Од обвинението и од процесот, незадоволни се семејствата на настраданите. Тие бараат на обвинетите да им се суди за друго кривично дело.
„Ние не се согласуваме со делото сообраќајна незгода… Да се преквалификува во кривично дело убиство, согласно член 123 од КЗ затоа што самото кривично дело убиство подразбира секое дејствија со кое се предизвикува смрт на друг“,
велеше пред судот Митко Аврамовски.
Одбраната, барем на дел од обвинетите, е и повеќе од искусна. Од неодамна адвокат на шефот на возниот парк Ремзи Мифтари е Марко Зврлевски, кој беше државен јавен обвинител пред Љубомир Јовески. „360 степени“ побара, но не доби можност да разговара во првообвинетиот во случајот или со неговата одбрана.
Судењето, во моментов, е во фаза на изведување докази од страна на обвинителството, а досега се одржани десетина рочишта. Следното судење е на 19 февруари.
Рано е да се предвиди кога случајот ќе добие своја разрешница пред првостепениот суд. Сите засегнати се надеваат дека до втората годишнина од Ласкарци ќе ги добијат одговорите – кој е виновен за трагедијата кај Ласкарци која одзеде 16 животи и загрози десетици други.