Дали обезбедуваме квалитетни јавни услуги за руралната жена, одговорот не задоволува. Степенот на изградени градинки во руралните средини не соодветствува, а да не зборуваме за изградените домови за стари лица во рураните средини, посочи главниот ревизор Ацевски
Недостасуваат мерки и активности за подобра инклузија на руралната жена на пазарот на трудот. Ова е заклучокот од заедничкиот извештај на Државниот завод за ревизија спроведен во соработка со ревизорските институции на Албанија и Косово. Главните ревизори од трите држави констатираат дека владите не направиле доволно за задоволително вклучување на руралните жени на пазарот на трудот.
Преземените мерки и активности од надлежните органи не се доволно ефикасни во однос на создавање на условите за инклузија на руралната жена на пазарот на трудот и не обезбедуваат доволно еманципација и соодветна улога на жената на пазарот на трудот, како и соодветна вредност за нејзиниот труд, односно плата, порача главниот државен ревизор Максим Ацевски.

„Aко ги погледнете податоците презентирани во конечниот ревизорски извештај на поставените три клучни области во самата ревизија – дали имаме дизајнирано соодветни мерки и активности во стратешките планови, ќе констатираме дека отсуствуваат ефективни мерки. Во делот дали надлежните органи преземаат доволно мерки за едукација на руралната жена и нејзината еманципација и појавата на трудот, исто така не се доволно ефективни. И на последното прашање дали обезбедуваме квалитетни јавни услуги за руралната жена, одговорот не задоволува. Степенот на изградени градинки во руралните средини не соодветствува, а да не зборуваме за изградените домови за стари лица во рураните средини,“
кажа Ацевски.
Во однос на другите ревизорски извештаи, кои што се поврзани со оваа тема во делот на она што значи вложување во рамномерен регонален развој, се забележуваат несоодветни или недоволно позитивни податоци, додаде Ацевски.
Како еден од примерите тој го посочи конечниот ревизорски извештај за ревизија на буџетот на државата, кој што беше објавен вчера, а каде што согласно закон државата треба да издојува еден отсто од бруто домашниот производ за рамномерен регионален развој.
„Констатиравме дека издвојувањето на паричните средства за рамномерен регионален развој е 0,09 отсто. Ефектот или последиците за таквото несоодветно постапување и неводење доволно грижа за рамномерен регионален развој предизвикува четири отсто од територија на Македонија да е депопуларизирана, да нема популација. Во 205 населени места во нашата територија нема ниту еден жител, а на 215 населени места има помалку од десет жители. Тоа укажува дека населението во руралните средини масовно се иселува, а ова е поврзано и со несоодветна улога и позиција на руралната жена, “
рече Ацевски.

Ацевски порача и дека не смее да се дозволи со недоволни активности и мерки да се изгуби руралната жена.
„Не е позицијата и политиката – руралната жена да ја претвориме во индустриски работник, да таа патува во градот и да биде вработена, туку едноставно да ја задржиме во руралната средина и да може да произведува. Меѓутоа таквата негрижа за руралните средини предизвикува да ни се случуваат ценовни шокови на производството и земјоделските производи на пазарите“,
рече Ацевски.
Според главната ревизорка од Националната ревизорска канцеларија на Косово, Вљора Спанца, заедничката ревизија на С Македонија, Косово и Албанија, покажала дека сите три влади не направиле доволно за задоволително вклучување на руралните жени на пазарот на трудот.
„Ова е одлична можност да испратиме порака за вклучување на жените на пазарот на трудот, зајакнување на нивната позиција во општеството и да создадеме еднакви можности на пазарот на трудот. Во оваа прилика упатувам порака до сите високи функционери под чија надлежност е родовата еднаквост и економското зајакнување на жените и нивната подобра вклученост на пазарот на трудот, да ги почитуваат резултатите од нашата заедничка ревизија и да преземат чекори за подобрување на состојбата во блиската иднина, изјави Спанца пред почетокот на настанот“,
рече Спанца.

Таа напомена дека трите државни ревизорски институции Косово, Македонија и Албанија се обврзуваат дека ќе работат за подобрување на целите за одржлив развој и агендата 2030 од Организацијата на Обединетите нации.
Извештајот, што беше презентиран во Скопје, е на тема „Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд”, и е спроведен меѓу Државниот завод за ревизија, како координатор на оваа регионална ревизија и Врховните ревизорски институции на Република Албанија и Република Косово, со поддршка на телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените.
