Во ноќните напади, како што соопштуваат официјални лица, оштетени се и делови од киевското метро, кои се наоѓаат над земјата

Два главни моста во украинскиот главен град биле погодени во руски напад со балистички ракети, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Ракетите ги погодиле Северниот и Јужниот мост во Киев, кои се протегаат преку реката Днепар, рече Кличко, додавајќи дека е прекинато снабдувањето со вода и електрична енергија.
Во ноќните напади, како што соопштуваат официјални лица, оштетени се и делови од киевското метро, кои се наоѓаат над земјата. За време на нападите на цивилите им било наложено да се засолнат во објектите за цивилна заштита иако жителите на Киев обично се засолнуваат во подземните станици на метрото.
Russian missile hits bridge in Kyiv, Nov 16, 2026 #war #Ukraine #Russian https://t.co/MK4S0Em652
— Warfootagex (@warfootageX) November 17, 2026
Локалните украински власи од регионот Черкаси објавија дека во руски ракетен напад на областа повредени се три лица.
Во исто време, Украина го нападна Керченскиот мост кој е значаен објект што ја поврзува Русија со окупираниот Крим – при што загинаа две лица, изјави Сергеј Аксјонов, гувернер на регионот, поставен од Москва. Овој мост, кој беше цел на повеќекратни напади од страна на украинските сили, беше изграден од Русија откако таа го окупираше и анектираше полуостровот во 2014 година, а беше пуштен во употреба во 2018 година.
Руските власти велат дека војската пресретнала и уништила 2 049 дронови и четири ракети „фламинго“ со долг дострел во последните 24 часа. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека околу 600 дронови биле насочени само кон главниот град.
Претседателот Володимир Зеленски претходно предупреди дека Москва би можела да изврши нови напади врз земјата, откако украински, американски и европски претставници одржаа разговори насочени кон ставање крај на долгогодишниот конфликт.
Овие разговори, кои се одржаа онлајн и на кои присуствуваа американскиот претставник Џаред Кушнер и специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, уследија откако Русија соопшти дека забележала најголем напад со украински беспилотни летала од почетокот на војната.
По состанокот, американскиот претставник Џаред Кушнер изјави дека САД се посветени на обезбедување „цврсти и веродостојни безбедносни гаранции“ за Украина, како и на отворање пат кон нејзино членство во ЕУ.
Тој додаде дека НАТО „ќе остане клучен столб на европската безбедност“ и дека се прават подготовки за уште еден мултилатерален состанок „во блиска иднина“.
Во своето синоќешно обраќање, Зеленски изјави дека состанокот бил „тежок“, додавајќи дека е потребно да се направи повеќе за поддршка на одбраната на Украина од руските напади со балистички ракети.
Зеленски истакна дека Европа, по првпат, била претставена преку целосна делегација која ќе учествува во преговорите со Москва – вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Полска, ЕУ и НАТО.
Украинскиот претседател долго време инсистира европските претставници да бидат вклучени во сите мировни преговори, според него, тоа е неопходно со оглед на долгорочната амбиција на Киев да стане членка на Европската унија.
