Во земјава, нормализирана е праксата секоја нова власт да носи нови луѓе на чело на сите институции. За да се спречи партизацијата да ја нагризува државата, воспоставени се минимални услови кои еден кандидат треба да ги исполнува, особено за функциите од областа на безбедноста
Сепак, дури три именувања – за прв човек на Армијата, за прв човек на Агенцијата за национална безбедност и на заменичката во Агенцијата за разузнавање – го добија епитетот спорни уште од почеток. За сите случаи постапки отвори Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Некои заглавија, но една е пред одлука
Минатиот четврток во Собранието се случи несекојдневен настан за домашните демократски околности. Пратеник од мнозинството предложи барање за автентично толкување кое не му помина.
Прво, матичната комисија донесе заклучок со препорака дека барањето не е оправдано. Судбината ја запечати пленумот со гласање во поддршка на комисискиот заклучок.
„Предложениот заклучок го ставам на гласање. Ве повикувам да гласаме. Вкупно гласаа 63 пратеника од кои 62 гласаа за, еден против и нема воздржан“,
го прочита епилогот од гласањето претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во отфрленото барање Петрушевски бараше автентично толкување на членот 9 од Законот за агенцијата разузнавање. Бидејќи, вообичаено, автентично толкување се бара кога во праксата ќе се создаде некаков проблем, го прашавме пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – што го мотивирало да го поднесе барањето.
„Во праксата се појавија различни толкувања кои создаваат несигурност и можност за нееднаква примена, особено следејќи ги случувањата во јавноста поврзани со именувањето на заменик директор на Агенцијата за разузнавање. Затоа како пратеник и член на надзорните собраниски комисии, со цел да се обезбеди унифицирано толкување кое ќе биде во согласност со духот на законот и ќе ја елиминира секоја дилема или контроверзност околу ова прашање, го поднесов автентичното толкување на членот 9 од Законот за АР“,
ни одговори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
На прашањето пак, кои последици ги очекува сега откако Собранието го отфрли неговото барање, наместо одговор, тој го посочи извештајот на Законодавно-правната комисија.
Случајот со вториот разузнавач
Но, за да дојдеме до извештајот, потребен е контекст.
За општата јавност членот 9 од Законот за разузнавање не значи ништо. Но, за дел од државниот врв и разузнавачката заедница е важен. Еве и зошто.
На 28 јуни претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова ја назначи Ивана Стојановска за заменик-директорка на Агенцијата за разузнавање.
Според членот 9 од Законот за Агенција за разузнавање, еден од условите за избор е лицето…
„– да има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата“
пропишано е во членот 9 од Законот за Агенција за разузнавање.
Според информации за избраната Ивана Стојановска кои ни ги испрати граѓанин по електронска пошта, тогаш свежоименуваната заменик-директорка имала работно искуство во Агенцијата од 7 години и 8 месеци.
Пред тоа, работела како асистентка по информатички науки на ФОН Универзитот и на Америкен колеџ во Скопје. Според изворот на информациите, тоа значи дека таа го немала потребното десетгодишно работно искуство во областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, кога била избрана.
Но, од претседателскиот кабинет и го бројат и асистентскиот стаж. Тврдат дека била ангажирана како асистент по наставен предмет на Факултетот за детективи и безбедност на Американскиот универзитет на Европа – ФОН што го сметаат за искуство од областа на безбедноста.
„Ивана Стојановска го исполнува законски пропишаниот услов, дека има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата, а има севкупно 18-годишно искуство од областа“,
тврдеа од претседателскиот кабинет набрзо по именувањето на Ивана Стојановска за заменик-претседателка на Агенцијата за разузнавање.
Се чини дека на таа линија сега застанува и Собранието и тоа со одбивање на барањето за автентично толкување поднесено од пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ. Ова е дел од извештајот на Законодавно – правната комисија.
„Појаснувањето околу прашањето содржано во Барањето за давање автентично толкување е дефинирано во член 175, став 6 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 82/18, 178/21 и 58/24), каде што е утврдено дека асистент се избира за време од три години, со право на уште еден избор во истото звање на иста високообразовна установа. Доколку лицето е редовно вработено како асистент, истото ги исполнува условите за работно искуство“,
Спорно толкување
По таа логика, треба ли и асистентите по предмети како македонски, англиски јазик или физичко образование, на факултетите за безбедност, да се смета дека се кадар со искуство во областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика? Шегата настрана, со дилемата за работното искуство на Стојановска одамна се зафати Антикорупциската комисија.
И не само што се зафати со случајот, туку и веќе два месеца е пред носење одлука. Но, не може да ја донесе. Дел од документите за Стојановска се класифицирани, а безбедносен сертификат имаат само дел од членовите на ДКСК. За другите, барањата се поднесени, но нема финален исход.
„Истите ги доставивме до Дирекцијата на 18-ти октомври, значи речиси пред два месеца... Се надеваме, а и постојано контактираме, односно замолуваме, истите да бидат донесени во најкус можен рок бидејќи издавањето на сертификатите секако е надлежност на друга институција. Се надеваме дека институциите ефикасно ќе одговорат на своите надлежности“,
одговори за „360 степени“ Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК.
А токму додека антикорупционерите чекаат безбедносни сертификати за да одлучат за вториот човек на Агенцијата за разузнавање, се случи неуспешното барање за автентично толкување и извештајот на Законодавно-правната комисија во Собранието, токму на членот 9, поднесено од пратеникот Бране Петрушевски.
„Тајмингот на спроведување на оваа активност, иако морам да нагласам дека барањето за толкување на член 9 од Законот за Агенција за разузнавање не е по наше барање, секако остава можност за различно толкување во јавноста. Меѓутоа, уште еднаш ќе истакнам дека комисијата транспарентно, врз основа на докази и факти, ќе ја донесе одлуката на јавна седница“,
вели Димитровска.
Унапредувањето на Лавчиски
Пред антикорупционерите е уште едно именување од претседателката Гордана Силјановска – Давкова.
На 15 август годинава, таа го потпиша указот за унапредување на Сашко Лафчиски во чин генерал-мајор. Ден подоцна, и за негово поставување за началник на Генералштабот на Армијата. И двата указа почнуваа да важат од 18 август. Реакциите дека тој не ги исполнува условите за да добие чин генерал-мајор, а со тоа да стане и началник, стигнаа веднаш.
Сашко Лафчиски станал бригаден генерал на 18 август 2022 година, со указ на претседателот Стево Пендаровски. Законот за служба во Армијата, во членот 61, став 1 предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин по одреден број години служба во чинот кој го има. За унапредување во генерал-мајор, Лафчиски требало да биде три години бригаден генерал, односно тоа можело да се случи најрано на 18 август 2025 година.
Но, има и исклучок. Може да се унапреди и една година порано, како што и се случи со Лафчиски, ако меѓу другото – е предлог на два кадровски совета на ниво бригада или повисоко.
Тајни записници кои се јавни?
„360 степени“ побара фотокопии од записниците од заседанијата на тие кадровски совети – и од Министерството за одбрана и од шефот на државата. Во процедура, според Законот за пристап до информации од јавен карактер, а поради тоа што јавно не е достапна информација дали и кога Лафчиски бил предлог на два кадровски совета.
Од кај претседателката Силјановска-Давкова првично одговорија само дека:
„Во наведениот случај е постапено согласно Законот за одбрана… и согласно Законот за служба во Армијата“.
И од Министерството за одбрана ни го уважија барањето, но и оттаму наместо документи добивме став:
„Во наведениот случај е постапено согласно Законот за одбрана и Законот за служба во Армијата.“
Се жалевме пред Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. По жалбата, од кабинетот на претседателот се изјаснија дека не се иматели на бараната информацијата.
А Кога од Агенцијата се обратиле за одговор на жалба, од Министерството за одбрана им вратиле дека „составот на кадровскиот совет и записниците се од класифициран карактер“.
Поради повеќе причини, Агенцијата заклучи дека имателот на информацијата не постапил соодветно и го врати предметот на повторно одлучување. Нов одговор никогаш не добивме.
Сите документи за случајот ги собра Антикорупциска, бидејќи и тие отворија предмет.
„Од онаа документација во која јас имам увид, можам да констатирам дека досега нема документи кои имаат степен на класификација што значи дека нема да бидеме попречени во носење на одлука и без поседување на безбедносните сертификати“,
вели Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК.
Одлуката ќе се знае набрзо.
ТОЕФЛ сертификатот на шефот на АНБ
Но, нема надеж дека набрзо ќе се донесе одлука за законитоста на именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, скратено АНБ.
Еден од проблематичните елементи во неговото именување беше ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англиски јазик од училиште со име „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
„360 степени: Може ли да ве прашам за ТОЕФЛ-сертификатот – зошто во Пловдив сте полагале, а не во Скопје?
Бојан Христовски: После ова интервју, доколку сакате, сметате и имате потреба од тоа, ќе ви дадам документ којшто е издаден во 2019-тата година од, како регулатива од претходната власт, за админстративно тестирање на вработените во државната администрација којшто точно покажува кој вид на тест од трите светски јазици којшто се говорат и се потребни во држава, кој вид на тест и во која држава и во кој град може да се полага… тој тест е положен во 2022 година, а не сега и беше најбрз начин како да дојдам до таа диплома бидејќи таму имаше отворен термин“,
одговораше во интервју за „360 степени“ Бојан Христовски, директор на АНБ (октомври 2024 год.)
Не побаравме да го видиме документот од 2019-та година, но го најдовме подоцна. И во него прочитавме дека тест за ТОЕФЛ може да се полага во Пловдив, но не во училиштето „Јулија Ко.“ кое му издало сертификат на Христовски.
Отидовме и во Пловдив. Откривме дека газди на „Јулија Ко.“ се Грк и Бугарка. Тропнавме на сите адреси поврзани со нивни фирми. Ниту најдовме школо, ниту ги најдовме нив. Секаде ни кажаа дека се преселиле во Грција. Изјавите се разликуваа по тоа пред колку години заминале.
Откривме и дека фирмата „Јулија Ко.“ нема никави приходи и расходи уште од 2019 година.
Откривме и дека во земјава веќе има пресуди за лажни ТОЕФЛ сертифкати од „Јулија Ко.“. Откривме и други работи, но ниту Бојан Христовски се повлече, ниту Владата го разреши.
Премиерот кажа – да се почека на одлука на надлежна институција, во тој момент сугерирајќи на Антикорупциската комисија.
„Државната комисија за спречување на корупцијата не е истражен орган, ниту орган на прогон. Немаме правни механизми со кои ќе утврдиме дали сертификатот е веродстојна или фалсификувана исправа“,
вели претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Истражен орган е јавното обвинителство, кое отвори предмет. И може да бара меѓународна правна помош за да утврди – дали сертификатот е валиден или не. Таа постапка е во тек и се очекуваат одговори.
Но, ДКСК проверува уште една диплома на Бојан Христовски. Неговата трета универзитетска. Имено, Христовски е дипломиран тренер по кик-бокс на Универзитетот Св.„Кирил и Методиј“, потоа магистирал на Факултетот за безбедност „Св. Климент Охридски“ на тема дерадикализација на странски борци. Пријавил дека во 2023-та се стекнал со уште диплома, на Економскиот факултет при приватниот Универзитет за туризам и менаџмент.
Без последната диплома, Христовски не би имал соодветно образование за директор на АНБ.
„Како државна комисија, во постапувањето по овој предмет, побаравме постапување од друг надлежен орган. Инспекциски надзор од Дравниот просветен инспекторат. И секако, времетраењето на оваа постапка ќе зависи од времето што е потребно на овој надлежен орган да ја спроведе истата постапка“,
вели Татјана Димитровска.
Сумирано, од трите предмети кои ДКСК ги отвори за именувања на високи функционери во областа на безбедноста, а кои добија епитет на спорни, наскоро одлука може да се очекува само за еден. За Сашко Лафчиски.
За Бојан Христовски и Ивана Стојановска одлуката ќе зависи од постапувањето на други државни институции. Директорите на тие институции ги именува истата политичка гарнитура чии именувања ги чешлаат антикорупционерите.